
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во соработка со Министерството за внатрешни работи, започнува национална превентивна кампања насочена кон унапредување на безбедноста на пешаците во сообраќајот.
- Пешаците претставуваат една од најранливите категории учесници во сообраќајот, а статистичките податоци укажуваат на потребата од континуирана едукација, подигнување на јавната свест и зајакнување на одговорното однесување кај сите учесници. Со оваа кампања се стремиме да поттикнеме поголема внимателност, почитување на сообраќајните правила и меѓусебна толеранција помеѓу возачите и пешаците, наведуваат надлежните.
Кампањата ќе опфати низа активности, вклучувајќи едукативни содржини, јавни настани, работилници, медиумски пораки и теренски активности, со посебен акцент на правилното користење на пешачките премини, почитување на сообраќајната сигнализација и зголемување на вниманието во урбаните средини.
Во рамки на кампањата ќе биде одбележана и „Недела на пешаците“ од 01 – 07 Април, при што во соработка со МВР ќе бидат одржани превентивно- едукативни работилници со оваа категорија на учесници во сообраќајот.
- Апелираме до возачите да ја прилагодат брзината на движење, да покажат зголемена претпазливост во близина на пешачки премини и секогаш да им дадат предност на пешаците. Воедно, ги повикуваме пешаците да ги почитуваат правилата за безбедно преминување на улица, да користат обележани премини и да бидат внимателни при движење, особено во услови на намалена видливост. Особено апелираме до пешаците да избегнуваат користење на слушалки, мобилни телефони и други електронски уреди при движење и преминување на улица, бидејќи нивното внимание се намалува и се зголемува ризикот од сообраќајни незгоди, велат од РСБСП.
Безбедноста во сообраќајот е заедничка одговорност на сите нас. Само со совесно и одговорно однесување можеме да допринесеме кон намалување на сообраќајните незгоди и создавање побезбедна средина за сите граѓани. Да не заборавиме „СЕКОЈ ЖИВОТ Е ВАЖЕН“.
Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата ќе продолжи активно да работи на унапредување на сообраќајната култура и заштита на сите учесници во сообраќајот.