Бесплатно паркирање за хибридни возила на паркинзите на ПОЦ

„ЈП Паркинзи“ на општина Центар во соработка со Општината Центар во наредната 2016 година ќе ја реализираат Одлуката на советот за измени во „Правилникот за начинот и постапката за издавање на повластена паркинг карта за јавни паркиралишта со наплата“ на јавното претпријатие Паркинзи на општина Центар.

Имено, во „Правилникот за начинот и постапката за издавање на повластена паркинг карта за јавни паркиралишта со наплата“ се воведе нов вид на повластена паркинг карта за сопственици на електрични и хибридни возила (ПКЕХ).

Според член 37 од Правилникот, потребни документи кои се доставуваат на увид при склучување на договор со физичко лице сопственик на електрично или хибридно возило се: лична карта и сообраќајна дозвола за ПМВ издадена од надлежен орган, додека за склучување на договор со правно лице сопственик на електрично или хибридно возило потребните документи кои се доставуваат на увид се: тековна состојба, сообраќајна дозвола за ПМВ издадена од надлежен орган и овластување од овластеното лице на правното лице издадено за физичкото лице потписник на договорот за користење на ППК – ПКЕХ.

Корисниците на ППК – ПКЕХ имаат право на бесплатно паркирање на сите отворени јавни паркиралишта со кои стопанисува ЈП ПОЦ, во паркинг секторот означен со знакот за хибридни возила. На истите места предвидени се постројки за напојување на возилата, кои ќе бидат поставени од Општината Центар и ЈП ПОЦ.

Во наредниот период ќе се одвојат средства од буџетот на Општината Центрар како и од ЈП Паркинзи на општина Центар токму за овие возила кои се еколошки, ја штитат околината и не го загадуваат воздухот. Во Македонија индексот на загаденост на воздухот секојдневно е се’ поалармантен и целта е да се подигне свеста и да се даде приоритет на тие возила“, се вели во соопштението на ЈП Паркинзи на општина Центар.