На 25 јануари на платформата Netflix беше премиерно прикажана бразилската минисерија The Endless Night („Бескрајна ноќ“), инспирирана од вистинската трагедија во ноќниот клуб Kiss во градот Санта Марија во 2013 година, каде животот го загубија 242 млади луѓе, а повеќе од 600 беа повредени. Станува збор за една од најголемите цивилни катастрофи во историјата на Бразил – со бројни сличности со неодамнешната трагедија во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
Серијата, базирана на книгата The Endless Night: The Untold Story of Kiss Nightclub од новинарката Даниела Арбекс, преку пет епизоди ја прикажува болната реалност: од ноќта на пожарот, преку истрагата, до долгогодишната борба за правда на семејствата на жртвите.
Сѐ започнало како студентска забава, со млади луѓе на возраст меѓу 18 и 30 години. Групата Gurizada Fandangueira користела пиротехника како дел од својот настап, но во момент кога ракетите биле насочени кон таванот, се запалила звучно-изолациската пена и за неколку секунди огнот се проширил. Голем дел од жртвите починале од токсичниот чад, а паниката, затворените излези и нефункционалните противпожарни уреди го влошиле исходот. Новинарите сведочат дека сцената личела на „воена зона“, а преживеани раскажуваат за дезориентираност, гужва и луѓе кои паѓаат едни врз други во обид да се спасат.
Истрагата утврдила сериозни пропусти: само еден излез, неисправни противпожарни апарати и нејасна сигнализација. Сертификатот за противпожарна заштита бил истечен уште во 2012 година. Во 2021 година, четири лица – двајца сопственици и двајца членови на бендот – беа осудени за убиство и обид за убиство, но одлуката подоцна беше укината поради неправилности во изборот на поротата.
Режисерки на серијата се Џулија Резенде и Карол Минем, сценариото е на Густаво Липштајн, а во актерската екипа се вклучени Дебора Лам, Телмо Фернандес, Ракел Каро и други истакнати бразилски актери. Саундтракот вклучува и песна на Милтон Насименто со порака: „Сеќавањето нема да умре“.
Сличностите со трагедијата во Кочани се болни и реални: млади луѓе, паника, затворени простори, недостаток на безбедносни механизми. Серијата потсетува на важноста од преземање одговорност, ригорозни безбедносни проверки и – пред сѐ – на борбата на семејствата да ја добијат правдата што ја заслужуваат.
„Бескрајна ноќ“ не е само серија – тоа е сведоштво. Потсетник дека секој живот изгубен поради човечка неодговорност бара одговорност, сочувство и системски промени. И дека вистината не смее да замолчи.