Бегалецот Груби е во Драч, Ковачевски е во Нов Зеланд?

Поранешниот вицепремиер Артан Груби, како и поранешните директори на АД Државна лотарија и АД ЕСМ, Перпарим Бајрами и Васко Ковачевски се барани од правосудните и полициските органи овде во Македонија. Но сите тие успеаа да избегаат од лицето на правдата.

Според „Фокус“ од нивни извори од Владата, Груби повеќе не се наоѓа на територијата на Косово, тој моментално е во Албанија каде престојува во место во близина на Драч во објект кој не е во негова сопственост. Менувањето на локација од Косово во Албанија и не е така некоја тешка работа со оглед дека косовските и албанските државјани многу лесно ја минуваат границата, односно речиси и да не постои гранична контрола помеѓу двете држави.

За Бајрами од она што се зна е дека последната локација му е Косово но не се знае каде се наоѓа сега. Но она што се знае е каде се наоѓа ексдиректорот на ЕСМ, Ковачевски. Иако многу медиуми на почетокот шпекулираа дека тој се наоѓа или во Грција или во Австрија, па дури имаше и информации дека има купено имот таму сепак Ковачевски заминал за Нов Зеланд, каде имал роднини и пријатели.

Како и дали овие бегалци ќе бидат вратени во Македонија останува прашање со оглед дека досегашната пракса покажала дека е многу тешко истите да бидат испорачани во Македонија, посебно ако се работи за лица кои имаат двојно државјанство.