
По објавата за рамковните спогодби на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ со максимална вредност од 2,95 милиони денари со ДДВ, денеска реагираше Лазар Банов, член на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Центар.
На прес-конференција Банов ги критикуваше набавките за маркетинг, односи со јавност, медиумски закуп, видео и аудиопродукција и организација на настани, оценувајќи дека средствата би можеле да бидат насочени кон други потреби на граѓаните.
„Скоро три милиони денари на тендери за реклами и односи со јавноста“, рече Банов, обвинувајќи дека средствата ќе бидат искористени за политичка промоција на градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски.
Тој посебно се осврна на средствата предвидени за јубилејниот настан по повод 20 години од основањето на ЈП „Паркинзи на Општина Центар“.
Како што претходно објави Скопје Инфо, за организацијата на настанот е понудена цена од 295.000 денари без ДДВ, односно 348.100 денари со ДДВ. Во сумата се вклучени концепт и сценарио, програма, брендирање на просторот, озвучување, осветлување, техничка поддршка, музичари и кетеринг за околу 150 гости.
„Очигледно на Герасимовски поважно му е да слави родендени на ПОЦ, наместо да ги пополни стотиците дупки по улиците во Центар, да ги поправи откорнатите пречки за успорување на сообраќајот и да ги префарба избледените ленти на пешачките премини кај училиштата и градинките“, изјави Банов.
Тој се осврна и на договорот со „Слобода Филм“ за видео, аудио и анимациска продукција, чија максимална вредност е 700.000 денари без ДДВ, односно 826.000 денари со ДДВ.
Најголемата поединечна ставка во понудата е продукција на имиџ, јубилејно или промотивно видео од 520.000 денари без ДДВ, односно 613.600 денари со ДДВ.
„СДС и Герасимовски мора веднаш да одговорат што ќе снимаат овие компании? Дали ќе ги документираат успешните проекти кои никој не ги видел, дали ќе снимаат инвестиции во инфраструктурата на Општина Центар?“, праша Банов.
На прес-конференцијата тој изнесе и тврдења дека компанијата „Слобода Филм“ и претходно добивала средства од Општина Центар преку грантови за културата. Според бројките што ги соопшти Банов, станува збор за 550.000 денари во 2025 година и 350.000 денари во 2026 година.
Врз основа на тоа, Банов изнесе сомнежи за можни политички врски меѓу општинската власт и компанијата. Станува збор за тврдења изнесени од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата, за кои во соопштението не се приложени дополнителни докази.
Тој побара одговор и за тоа дали средствата за маркетинг и продукција се оправдан приоритет во услови кога, според него, во Центар остануваат нерешени инфраструктурни проблеми.
Како што претходно објавивме, двете рамковни спогодби на ПОЦ имаат вкупна максимална вредност од 2,5 милиони денари без ДДВ, односно 2,95 милиони денари со ДДВ. Сумата претставува максимална финансиска рамка, а не однапред гарантирана потрошувачка – услугите треба да се нарачуваат поединечно во текот на 12-месечниот период.
Од ЈП „Паркинзи на Општина Центар“ претходно побаравме дополнителни информации за потребата од набавките и за обемот во кој се планира нивната реализација, но до објавувањето на текстот одговор не добивме.