Балканскиот миленик, Јаков Јозиновиќ првпат пред македонската публика

Денес четврток, 26 февруари, Јаков Јозиновиќ на прес-конференција официјално го најави својот прв концерт во Македонија.

Тој најави дека на 9 април, арената „Јане Сандански“ ќе биде местото каде македонската публика за првпат ќе ја доживее во живо концертната приказна на еден од најбараните музички артисти во регионот.

Јаков Јозиновиќ е хрватски пејач кој во изминатите неколку години прерасна од ново име на сцената во вистински регионален феномен. Публиката прво го препозна по неговата силна емоционална интерпретација, по гласот кој носи и ранливост и сигурност, но и сето тоа со толку едноставна емоција испеано на улиците. Неговата кариера бележи нагорна линија токму затоа што растеше органски,  преку песни што се слушаат и преку настапи што се доживуваат со целото срце.

На средбата со медиумите во Скопје, Јаков зборуваше за подготовките за неговата голема регионална турнеја „Ја за чуда летим“, која веќе сега се смета за една од најзначајните музички приказни на годината. Интересот на публиката ги надмина сите очекувања: шест распродадени концерти во белградскиот „Сава Центар“, од кои првиот за само 30 минути, рекордни две распродадени вечери во арената „Стожице“ во Љубљана со повеќе од 20.000 продадени билети, како и распродадени сали во Марибор, Загреб, Нови Сад, Риека, Сплит, Осиек и низа други градови низ регионот.

Македонската публика на 9 април ќе добие ексклузивна можност да биде дел од таа приказна. Јозиновиќ најави посебна концертна вечер, осмислена како заокружено сценско искуство, во кое музиката, визуелната продукција и емоционалната атмосфера се спојуваат во една целина. Продукцијата ќе биде на највисоко ниво, но, како што истакна и самиот, фокусот не е само на спектаклот, туку на чувството дека секој концерт е средба — со публиката, со песните и со моментот што се случува токму тука и сега.

Иако зад него стои успех кој ретко се гледа на регионалната сцена, Јаков не ја крие радоста. За него, како што вели, сè уште станува збор за сон кој го живее спонтано, ден по ден, без однапред напишан крај. Можеби токму затоа неговата приказна толку силно одекнува, затоа што зад големите сцени и распродадените сали стои уметник кој сè уште верува дека музиката се случува таму каде што има искрен контакт.

Скопје, на 9 април, ќе биде дел од таа приказна.