За решавање на проблемот со бездомните кучиња недостасува една важна алка, а тоа е регистрација на одгледувачници на кучиња. Во оваа насока, веќе се подготвени предлог-измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните со кои се предвидува воспоставување систем за контрола на размножувањето на кучињата токму преку регистрација на одгледувачници и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со оваа мерка се очекува оние сопственици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција (не сакаат да се регистрираат како одгледувачница или регистриран сопственик на куче), да го стерилизираат, вели директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) Николче Бабовски во интервју за МИА.
Како што напоменува Бабовски, нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци). Крајната цел е јакнење на принципите за одговорно сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња.
Оценува дека неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња.
- Прв пат оваа година со Наредбата за здравствена заштита на животните дадена е обврска на општините да направат проценка на популација на кучиња. Заловувањето на кучињата е независно од проценката и треба да се одвива тековно, а не да се чека исходот за проценката, односно треба да се реализира врз основа на веќе донесените планови и програми за заловување. Врз основа на оваа проценка општините треба да го направат планот за контрола на популацијата на бездомни кучиња за наредната година. До овој момент проценка има направено и доставено до АХВ само општина Конче. АХВ е во координација со ЈП „Лајка“ да се направи ваква проценка за Град Скопје. Техничка помош за методологијата побара прифатилиштето од Општина Струмица, со која АХВ е во координација за да ја спроведат проценката, вели Бабовски во интервјуто.
Во однос на каснувањето на кучиња, одговорноста за проценка на агресивност на кучињата и постапките со опасните кучиња пред да се вратат на улица е на општинското прифатилиште и се спроведува од страна на овластени лица, а за сопственичките кучиња, тоа е обврска на сопствениците на кучињата кои каснале човек.
- За решавање на проблемот со бездомните кучиња, бидејќи преку намалување на бројот ќе се намали и инциденцата на каснување, недостасува една важна алка, а, тоа е регистрација на одгледувачници на кучиња за што АХВ има подготвено Предлог-закон за измени и дополнувања на Законот за благосостојба на животните кој се наоѓа во фаза на меѓуинституционално усогласување.
Стратешка цел на Агенцијата е донесувањето на ова законско решение. Изменувањето и дополнувањето на Законот за заштита и благосостојба на животните се прави со цел подобрување на одговорното сопствеништво на домашните миленици, како и спроведување на одредени сегменти од Стратегијата за заштита и благосостојба на животните кои се однесуваат на пролонгирање на рокот за отфрлање на основниот кафезен систем за држење на кокошки несилки. Со законот за изменување и дополнување на Законот за заштита и благосостојба на животните ќе се воспостави систем за контрола на неконтролираното размножување на кучињата и другите домашни миленици преку регистрација на одгледувачници за кучиња и евидентирање на регистрираните одгледувачи на куче. Со воспоставување на оваа мерка се очекува оние сопственици на домашни миленици кои не сакаат да го чуваат својот миленик за репродукција (не сакаат да се регистрираат како одгледувачница и или регистриран сопственик на куче) да го стерилизираат својот миленик, појаснува Бабовски.
Тој вели дека нема да биде дозволено држење куче кое е репродуктивно способно, освен ако не се работи за одгледувачница за кучиња или регистриран сопственик на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци). Крајната цел е зајакнување на принципите за одговорното сопствеништво на домашните миленици и намалување на бројот на бездомни кучиња.
Со законот ќе се регистрираат сопствениците на куче (една репродуктивно способна женка или еден или повеќе репродуктивно способни мажјаци), одгледувачниците, продавниците за домашни миленици и пансионите за кучиња со што ќе се зајакне контролата на овие комерцијални активности, а краен резултат е намалување на бројот на бездомни кучиња, контрола на болестите и зајакнување на одговорното сопствеништво.
- За жал, и покрај напорите кои изминативе години ги прави Агенцијата за унапредување на одговорното сопствеништво и негово доближување до граѓаните, токму неодговорното сопствеништво и напуштањето на домашни миленици останува еден од најголемите извори на бездомни кучиња. За тоа говорат и бројките кои како институција секоја година ги анализираме и врз основа на кои носиме предлози и нудиме решенија за надминување на овој проблем кој во некои општини станува алармантен, рече првиот човек на АХВ,
Од годинава поднесените 112 претставки со наводи за заштита и благосостојба на животните, 47 се за неодговорно сопствеништво, а 26 за напад и каснувања од куче.
Од евидентираните 566 претставки минатата година, најголемиот број, односно 313 биле претставки од областа на ветеринарството, односно се однесувале на здравствената заштита и благосостојбата на животните. Од нив 110 за неодговорно сопствеништво,76 претставки за напади и каснувања од куче, 11 за нанесување штети од добиток и претставки со други наводи.