
Патничко моторно возило целосно изгоре во пожар што вчера попладне избувна на булеварот „Јане Сандански“ во скопската населба Аеродром, во близина на трговскиот центар „Капитол“.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, настанот бил пријавен во 17:56 часот во СВР Скопје, при што било наведено дека патничко возило сопственост на С.М. (61) од Скопје се запалило додека било во движење.
На местото на настанот интервенирале екипи на Бригадата за противпожарна заштита Скопје, кои успеале да го локализираат и изгаснат пожарот, спречувајќи негово ширење кон околните површини и останатите учесници во сообраќајот.

Фотографиите од местото на настанот покажуваат дека возилото е целосно уништено од огнот. Изгорени се каросеријата и внатрешноста на автомобилот, а од него останала само металната конструкција.
Во инцидентот е причинета значителна материјална штета, а засега нема информации за повредени лица. Причините за избувнувањето на пожарот се утврдуваат.