Автобусите стојат додека ЈСП прави контрола, патниците и возачите вријат од нервоза

Граѓани се жалат дека градските автобуси во Скопје стојат на постојките додека контролорите им ги прегледуваат билетите поради што потоа доцнат на работа или на училиште. Патниците се лутат затоа што доцнат неочекувано и затоа не можат да го испланираат времето за контрола и тоа дали воопшто ќе влезат контролори во автобусот додека тие се возат во него, јавува Плусинфо. Како да не е доволен метежот низ градот, велат патниците, па и автобусот мора да стои додека се проверуваат билетите и дополнително да го кочи сообраќајот.

– Првпат се случува да запре автобусот кога влегува контрола. Порано не беше така. Сега автобусот запира и сите чекаме да се проверат патниците што треба да се симнат на некоја постојка. Влегуваат по четворица контролори, по двајца на предна и по двајца на задна врата. Откако ќе ги проверат патниците што треба да слезат, контролорите наредуваат да се отворат вратите за да се симнат едни и да се качат други патници. Со тоа се создава нервоза и кај тие надвор и кај тие внатре, како и непотребни турканици на вратите – вели скопјанка што секој ден се вози со градски автобус.

Од ЈСП Скопје изјавиле дека според описот на ситуацијата, најверојатно станува збор за нивни вонредни акции.