
Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби останува во домашен притвор под строг 24-часовен полициски надзор, откако скопскиот Кривичен суд го прифати барањето на Обвинителството за продолжување на оваа мерка пред државниот празник.
Груби, кој се врати во земјава на 23 февруари по повеќе од 14 месеци бегство, е првоосомничен во случајот за сомнителни набавки на апарати за видео-лотарија (ВЛТ), со кои според проценките на МВР, државниот буџет бил оштетен за повеќе од 8 милиони евра.
И покрај тоа што за вакви дела вообичаено се одредува затворски притвор, во случајот на Груби пресудни беа безбедносните сознанија на АНБ и МВР за можни закани по неговиот живот, вклучително и разузнавачки информации за ангажирање платени убијци од соседна држава, што му овозможи мерката да ја издржува дома наместо во затворските установи.
Иако неговиот адвокат, Гоце Ристевски, посочува дека одбраната е при крај со разгледување на обемната документација, поранешниот вицепремиер досега се уште нема дадено официјален исказ пред надлежниот јавен обвинител за ниту едно од делата за кои се товари.