Арсовска стави клуч на спортската сала во Ѓорче Петров, се тренира на отворено

Спортската сала во средното училиште Кочо Рацин во Ѓорче Петров која со години ја употребуваа ракометарите од ракометниот клуб Ѓорче Петров, веќе не им е достапна, откако градоначалничката Данела Арсовска и Град Скопје решија да ја стават вон употреба затоа што како што им било кажано во клубот, истата, била нефункционална и небезбедна за идни натпревари.

Револтот кај љубителите на ракометот е огромен, а со свој став се огласи и РК Македонија Ѓорче Петров.

„Ниту една бирократска процедура, ниту една инспекција, ниту следните чекори, ниту… нема да го скрши Ѓорчепетровскиот непокор. Се што нема да го убие само ќе го направи посилен лавот!!! Ги започнавме подготовките, пак на отворено, а салата нека седи затворена за клубовите од Ѓорче Петров. Не се плашат од ништо ниту сениорите ниту најмалите, просто нема што да не исплаши. Борбата продолжува!!!“, стои во објавата на ракометниот клуб, каде се објавени и фотографии и видеа како младинските категории своите тренинзи ги одржуваат на паркингот пред спортската сала.