Арсовска на терен, се поставува нова канализација во Шуто Оризари

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска со претставници од скопското јавно претпријатие „Водовод и канализација“ и Секторот за планирање и уредување при Град Скопје, денеска извршија увид во почетокот на градежните активности за реконструкција на фекална канализациона мрежа на улица „Виничка“ во населеното место Шуто Оризари.

Со овој проект се реконструира канализациона мрежа на потег во должина од 700 метри, со што се надминува проблемот со преоптоварување на канализацијата и излевање на отпадните води по обилни врнежи на дожд, велат од Град Скопје.

Со изградбата на фекалната канализација на целата траса се поставуваат цевки со поголем профил, а се градат и 21 шахти и 17 сливници за собирање на водите. Жителите на Шуто Оризари на тој потег со техничкото решение во проектот, добиваат трајно регулирање и растоварување на постојната фекална канализација од дождовни води.