„Архангел“ ќе настапи на Д фестивал во Дојран

Легендарниот рок состав „Архангел“ на 7 јули ќе настапи во Дојран во рамките на „Д фестивал“, соопшти Пасворд продукција.

„Архангел“, како никој друг, постигна култен статус не само кај нас, туку ширум цела поранешна Југославија. Групата оформена во 1988 година од страна на Ристо Вртев, во својата кариера има издадено четири албуми: „Архангел 1“ (1991), „Архангел 2“ (1993), „Heart Core“ (1998) и „Небесна машина“ (2003).

Станува збор за едно од малкуте музички имиња кои со своето творештво оставија најзначаен белег на современата музичка сцена на Македонија и одбележаа генерации чија младост одекнува преку нивната музика.

„Д фестивал“ ќе се одржува од 6. до 8. јули во Дојран.

Во својата тридневна музичка програма покрај „Архангел“ веќе ги потврди и настапите на бројни музички ѕвезди од светската, регионалната и домашната сцена како што се Пол Ван Дајк, К.У.Р., „Fink“, Севдализа, Дуке Бојаџиев, „Pussy Riot“, Горан Трајковски, „Smut“...