Здружението на приватни аптеки побара аптеките да бидат ослободени од објавување цени на интернет. Според нив, обврската е несоодветна затоа што не се обични трговци и ќе создаде дополнителен товар за фармацевтите. Барањата ги испратиле до Министерството за економија и кабинетот на премиерот.
„Приоритетната наша улога е давање на здравствена грижа кон пациентите. Со носењето на овој нов правилник едноставно се намалува можноста да ние како здравствени работници се фокусираме на нашата основна здравствена дејност. Сите ние се соочуваме со намален број на фармацевти. На некој начин, квалитетот на услуга ќе се намали токму поради тоа што ќе немаме доволно време за фармацевтите да одвојат за фармацевтската грижа и издавањето на лекови“, вели Билјана Божиновска од Здружението на приватни аптеки
Од Владата потврдија дека барањето е пристигнато и ќе биде разгледано.
„Во однос на обврската која произлегува од Законот, како Влада можеме да кажеме дека истата очекуваме да биде почитувана од сите засегнати кои ги опфаќа законот“.
Стопанската комора на трговци на големо и мало, пак, побара дополнителен рок за изработка на веб-страници.
„Значителен дел од малите трговци сѐ уште се во процес на адаптација, од технички, финансиски и кадровски аспект. Станува збор за реална потреба од дополнително време со цел квалитетна и одржлива имплементација“, велат од комората.