Ангеловска Бежоска: Народната банка е посветена на макроекономската стабилност

Одржувањето на макроекономската стабилност е основната цел на Народната банка на Република Северна Македонија, истакна гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска. 

Таа и вицегувернерот Фадил Бајрами, остварија средба со претставникот на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), Анди Аранитаси.

-Пандемијата, воениот конфликт во Украина и енергетската криза наметнаа нови предизвици што предизвикаа раст на цените на примарните производи, пред сè на цените на енергентите и на храната, кои секојдневно имаат променливи движења на светските берзи и предизвикуваат нагорни ценовни притисоци. Овие движења имаат големо влијание врз домашната економија, која е високо зависна од увоз. Во вакви услови, носителите на политиките имаат задача одговорно и навремено да одговорат преку мерки коишто ќе го ублажат растот на инфлацијата, водејќи сметка истовремено и за економскиот раст. Одговорот на овие случувања од страна на Народната банка, како и на најголемиот дел од централните банки ширум светот, е постепеното монетарно затегнување. Воедно, Народната банка успешно ја одржува стабилноста на девизниот курс, што претставува главното сидро на вкупната стабилност на економијата - се наведува во соопштението на Народна банка.

Аранитаси истакна дека ЕБОР ќе продолжи со поддржувањето на македонската економија преку финансирање проекти од јавниот или приватниот сектор. 

Беа посочени и активностите на централната банка со кои се придонесува за ублажување на притисоците и на структурните проблеми во економијата. Покрај низа активности за поддршка на „зелените финансии“, една од најновите мерки на централната банка е промената кај задолжителната резерва заради поттикнување на кредитирањето проекти поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, соопштија од НБ.