Ангелов: Средствата од дипломатскиот хуманитарен концерт за поддршка на децата болни од рак

Средствата собрани во рамки на добротворниот концерт организиран од здружението „Добредојде Македонија“ во соработка со амбасадите и конзулараните претставништа во земјава годинава се наменети за поддршка и помош на Детската клиника, односно на децата заболени од рак и нивните родители. Годинава почесен претседател на настанот е бугарскиот амбасадор во земјава Ангел Ангелов.

Тој потенцира дека годинава се соочиле со предизвик за организација на традиционалниот дипломатски базар поради КОВИД-19, но, како што рече, благодарение на ентузијазмот на организаторите здружението „Добредојде Македонија“ и неговата сопруга Билјана Ангелова се направило се да се најде алтернативен начин за да не се прекине организацијата на базарите која е традиционална.

-Ние не можевме да го организираме физички, туку беше организиран концерт на МРТ на кој дипломатско-конзуларните претставништва ги претставија нивните држави и беа отворени линии на мобилните оператори за собирање финасиски средства. Годинава целта беше да им помогнеме на децата кои боледуваат од рак и на нивните родители. Во Детската болница има две одделенија за деца кои боледуваат од рак, каде тие се лекуваат и нивните родители треба да бидат згрижени и да бидат блису до нив. Тие се тука во родителска куќа, каде можат да бидат сместени за да бидат блиску до своите деца, рече бугарскиот амбасадор во Скопје.

За нас, додаде, тоа беше благородна кауза за која сите ние и како дипломати и како НВО и како медиуми бевме заедно да собереме средства и да помогнеме.

Претседателката на здружението „Добредојде Македонија“ Емилија Миладинова Аврамчева истакна дека добротоврниот меѓународен концерт го организирале заедно со амбасадите во Северна Македонија. Таа појасни дека концертот бил организиран по повод Меѓународниот ден за заштита на детето на 1 јуни, и оти претходно во изминатите 10 години по тој повод се организирале дипломатските базари.

-Годинава во тешка ситуација во целиот свет предизвикана од КОВИД 19, сепак успеавме да најдеме средства и начин да им е помогне на маргинализираните групи деца. Годинава почесен преседател е неговата екселеница Ангел Ангелов, амбасадор на Република Бугарија во Северна Македонија, рече Миладинова Аврамчева.