Ангела од Скопје има само 6 години - полека, но сигурно влегува во водите на кулинарството

 

Готвењето и креативноста во кујната нема граници, ниту пак познава години или пак пол. Ангела е девојче од Скопје кое има само шест години, а веќе полека, но сигурно влегува во водите на кулинарството. Таа веќе има свој  YouTube канал, каде споделува видеа додека прави разни јадења, секако со помош на својата мајка. 

Нејзината мајка Јулијана, за Скопје Инфо, ја споделува приказната на Ангела и како оваа девојче се снаоѓа добро во кујната уште од најраното детство. 

Како започна приказната на Ангела и љубовта за  готвењето?

Ангела уште од 4год.возраст самоиницијативно сакаше да учевствува  во спремањето на нашите оброци и да поминува време во кујната. Тоа го правеше со големо задоволство  и јас секако и дозволував,бидејќи сметам дека со тоа ќе стекне доста животни вештини, ке развие чувство на самодоверба и креативност, ќе научи повеќе за правилната и здрава исхрана, а и ќе се релаксира. На таа возраст се разбира правеше некои поедноставни работи како на пример мачкање на кифличките со јајце, валкање на бомбици во кокос, потопување на бисквити во млеко за некоја торта, вадење форми за колачиња со калапчиња и слично, а сега на нејзини 6 год. веќе знае и сама да работи со тесто, да сечка, да скрши јајце, да филува мафини и сл.

Сама знае да си подготви некој поедноставен сендвич, да си спреми млеко со житарки, овошна салата.

Што најмногу сака да готви, кои и се омилени рецепти?

Најинтересни за  подготовката  и се палачинките, мафините и се она што може да се украсува, користиме разновидно овошје , парчиња чоколадо, декорираме со слатка павлака, украсни цветчиња, срценца, или филуваме со шлаг крема во разни бои и сето тоа и е забавно и примамливо. 

Колку и помагате кога се готви нешто, со оглед на тоа дека станува збор за дете од 6год ?

Нормално дека има помош од моја страна, се што е поврзано со печење, сечкањето, работа со миксер и сл. е моја должност, а за останатото и оставам простор да биде креативна и самата да се изразува.

Какво дете е Ангела по природа?

Ангела е доста љубопитно, вредно и организирано дете, сака работите да проба да ги направи сама, секогаш учествува во средување и чистење на кујната, местење на садовите, раскревање на масата, така што немаме некој поголем хаос после готвењето, како што би се очекувало при готвење со мало дете.

Лично сметам дека дружењето со нашите деца во кујната е одлична  можност за квалитетно поминато време на нашите деца и можност за нив самите да научат повеќе за кулинарството, за потеклото на храната и за здравата храна. Сакам да кажам уште дека инспирација и поттик за нашите идни youtube видеа ни даде и позитивниот коментар од Jamie Oliver, на еден рецепт направен од Ангела.