Ангела Миќановиќ, млада истражувачка од Црна Гора во посета на Скопје: Скопјани се боеми и гурмани, кои не брзаат никаде

Во денешното интервју разговараме со Ангела Микановиќ, студент на докторски студии на Универзитетот во Луксембург и млад истражувач на темите поврзани со процесите на интеграција во Европската Унија. 

За време на пролетта, таа ја посети нашата земја со цел да се сретне со претставници од институциите, невладиниот сектор и поединци и да дознае повеќе на оваа тема. Запознавме неверојатно пријатна соговорничка, млада амбициозна личност и некој кој навистина ужива во убавините на Македонија. Зборувавме за нејзиниот академски пат, за предизвиците на Западен Балкан во процесот на приближување во ЕУ, но и за нејзиниот впечаток од Скопје и нашата држава. 

Што те донесе во Скопје, оваа пролет? Колку време помина во нашиот главен град?

Во вашиот преубав град дојдов благодарение на докторското истражување кое го правам во Југоисточна Европа. По два месеци поминати во Сараево, патот ме донесе во Скопје, пред да продолжам со своето истражување во Приштина, а потоа и Белград и Подгорица. Благодарение на идејата на својот ментор проф. Јосип Глардиќ и логистичката поддршка на Националниот фонд за истражување од Луксембург, како и Универзитетот во Луксембург, веќе половина година сум во регионот каде сум фокусирана на истражување на политичките, институционални и геополитички фактори и актери кои влијаат или пак влијаеле на процесот на донесување и усвојување на одлуките и стратегиите на Европската Унија за нашиот регион, но и кои (ин)директно придонеле за демократското уназадување и пораст на десничарскиот популизам во регионот. 

Кои се главните заклучоци од твојата работа и ангажман тука? Дали си задоволна од сработеното?

Запознав многу луѓе од различни професии од кои научив многу за вашата култура, животот во земјата, предизвиците со кои се соочувате, како и самата политичка ситуација. Благодарна сум им на професорите, политичарите, новинарите, активистите од граѓанскиот сектор, како и своите пријатели во Македонија кои имаа верба во ова истражувања, односно дека самото тоа може да донесе позитивни резултати. Сите тие со мене споделија многу од своите лични искуства, знаења, контакти и идеи. Успеав да соберам многу сведошства и информации, кои во наредниот период планирам да ги обработам, анализирам, поткрепам со расположиви докази, но и да ги соберам во книга која се надевам дека ќе биде готова за неколку години. Одговорноста и очекувањата се големи, вели таа со насмевка. 

Посебен фокус во случајот на Македонија, како што ме советуваа соговорниците од вашата земја е ставен на 2019 година и т.н. "бриселско фијаско", односно за одлуката за одложување на отворањето на преговорите со Македонија и Албанија.

Всушност, свесна сум дека од 2000 година, кога започна процесот на доближување на Македонија до Европската Унија, вашата земја мораше да помине долг пат да ги отвори преговорите со ЕУ – од надминување на внатрешните етнички несогласувања преку стабилизирање на односите со соседството до подготвеност за решавање на прашањата поврзани со националниот идентитет. Сепак, по прифаќањето на поголемиот дел од условите и кога отворањето на преговорите за пристап беше речиси сигурно, ЕУ донесе негативна одлука, и овој настан, како што знаете подобро од мене, произведе синџир на негативни настани во земјата. Растечката недоверба и скептицизмот како и отворањето на нови прашања како што е спорот со Бугарија, предизвикаа несигурност во регионот, ја ослабнаа позицијата на оние кои искрено го поддржаа партнерството со ЕУ и ги зајакнаа антиевропските ставови. Видливото незадоволство и зголемувањето на недовербата кон европските партнери од страна на македонскиот народ се одразува не само на домашните политички околности, туку и на заминувањето на голем број млади луѓе од земјата. За да се зачува мирот и стабилноста, но и да се зајакне бранот на позитивни промени, Европската унија и нејзините земји-членки мора не само да покажат со зборови, туку и преку акции дека тие се стабилен партнер, и со финансиската помош за која сме благодарни, покажуваат дека тие навистина сакаат да бидеме еднакви членови на нивното семејство во блиска иднина. 

Што ти се допаѓа во Скопје, што е поразлично од твоето место на живеење?

Што можам да ви кажам – постојат многу повеќе сличности отколку разлики. Од менталитетот, преку музика и храната, до добро вино. Јас не сум првата кој вели дека луѓето во Скопје се особено гостопримливи и одлични домаќини, но можам од се срце да ги потврдам ваквите приказни. Се чувствував како дома во Скопје. 

Како и ние, и вие сте уморни од политика, неостварени ветувања и надежи за подобро утре. 

Што е она што можеше да го научиш за Скопјани додека беше тука? 

Боеми и гурмани, кои доцнат на речиси секој  закажан состанок, освен ако не го одложат за друг пат во меѓувреме. Тоа беше најтешкото нешто за мене да се навикнам (хаха). Но, ми се чини дека тоа е модусот вивенди, тој начин на живот. Зошто треба да брзаме? Како што доаѓам од земја во која четвртина од економијата почива на туризмот, јас сум навикната на брза услуга во рестораните и уште побрзо наплаќање. Кај вас е поинаку, нема никакво брзање. 

Младите луѓе кои ги запознав се амбициозни, желни за знаење и пофалби, но ова, како и во Црна Гора, често недостасува. Што се однесува до постарите генерации, ми се чинеше дека барем тие се Југо-носталгици, а ова чувство во Подгорица и Црна Гора со текот на времето ослабна.  

Какви се твоите очекувања за политичките случувања во Македонија и регионот?

Како што знаеме и од многу случаи низ историјата, на Балканот многу работи зависат од ситуациите во Европа и светот. Се надевам дека политичките актери конечно ќе одлучат да ја стават потребата за политичка моќ на страна, за да конечно ги направат вистинските чекори за нашите луѓе и држави. Меѓутоа, попаметните од мене ме научија наивно да не верувам во тоа, туку да оставам зрно сомнеж и можност тоа да се случи, па се надевам дека конечно како граѓани и граѓанки, ќе научиме да ги казнуваме и да им го скратуваме гласот на оние кои не ги исполнуваат своите предизборни ветувања. Само така ќе можеме да застанеме на патот на популистичките идеи и предлози, кои најчесто траат до прогласување на изборните резултати. 

Верувам во новата генерација млади луѓе што доаѓа, дека пред сé преку напорна работа и знаење, а потоа преку соработка и поврзаност, ќе успееме да ја вратиме политичката, дипломатската и економската сила во нашиот регион и дека на овој начин ќе успееме заедно да се спротивставиме на сите предизвици кои не чекаат не само нас, туку и целиот свет. 

Од перспектива на млад човек, колку земјите од регионот пружаат можности и перспективи за најмладите?

За жал, не е доволно. Можеби најголемиот проблем денес е што ни е полесно да ги разбереме оние кои заминуваат од оние кои остануваат. "Што ќе правите тука?", ги разоружуваме и оние кои одлучија да им дадат шанса на нашите земји.

Да не зборуваме за лошата работна етика, корупција и непотизам, која ги отфрла сите кои постигнале резултати со чесна работа и напори да останат во регионот. Зборував и за тоа со младите луѓе во Македонија. Вашата земја има програми преку кои сте им помогнале на младите луѓе да студираат на престижните светски универзитети, но многу од нив никогаш не биле повикани од страна на државата да го вратат договорениот долг кон земјата и да ги пренесат знаењата преку работа во државните институции.

Многу млади луѓе заминаа во странство не од финансиски причини, туку од потребата за поквалитетен живот -- од подобро образование и пофункционален здравствен систем до отвореност на другите култури до разновидност.

За да ги задржиме младите луѓе, треба ментално и институционално да се осврнеме кон прашањата на развојот, подобрувањето на животниот стандард, толеранцијата и почитувањето на различноста.

Јасно е дека во блиска иднина нема да го достигнеме стандардот кој го наоѓаме на Западот, но барем можеме да очекуваме дека ќе бидат признаени усложни и посветени работни и универзитетски дипломи, дека како поединци кои постигнуваат успех во земјата и ширум светот не' признаваат и не повикуваат да придонесеме, наместо оние кои се закануваат на веќе нестабилниот систем со својот недостаток на експертиза. 

Дали и кога ќе се вратиш повторно? Што ќе им препорачаш на своите пријатели кои се уште не биле во Македонија?

Мојата препорака е задолжително да  ја посетат вашата прекрасна земја. Не само Скопје, туку и другите делови. Да го пробаат виното и ајварот, да ги истражат планините и езерата,  да го пробаат Скопското пиво во Дебар Маало и, што е најважно, да ги запознаат Македонците за да го комплетираат своето искуство.