Андријана Јаневска потпиша договор со гигантот Warner Bros. Games, ја испеа музиката на видео играта Мортал Комбат 1

Македонската пејачка Андријана Јаневска на социјалните мрежи сподели прекрасна вест дека потпишала договор со една од најголемите компании за игри во светот - Warner Bros. Games пишува ГГ.мк

Нашиот познат вокал и музичар, веста за потпишување на договор ја сподели една година по креирање на договорот, и креирање на музиката за играта. Јаневска специфично има правено песни за последниот дел Мортал Комбат франшизата - „Mortal Kombat 1“.

„Некаде во април 2022 година добив мејл од соработникот на композиторот  Wilbert Roget II, со понуда за соработка. Најнапред требаше да отпеам една композиција од околу 3 минути, на измислен јазик. Ми беше кажано дека е за видео игра, но не за која. Откако прифатив, композиторот ми испрати демо снимка, од прилика како би сакал да звучи финалиот производ. Вокалите ги снимив во моето студио Гиновски, каде професионално работиме со сопругот Гино веќе 15 години. Откако им ја испратив снимката беа воодушевени, немаше никакви технички ниту уметнички замерки. Ме прашаа дали би била слободна да отпеам уште неколку песни кои би биле дел од официјалниот саундтрак на играта, а јас се согласив. Во следниот период ги снимив и останатите композиции за кои исто така не најдоа замерка. Ми платија за работата и ми пишаа дека ќе ме известат кога играта ќе излезе официјално. Дури после една ипол година ми стигна мејл дека станува збор за видео играта Мортал Комбат 1 и дека пред да излезе официјално, мора да потпишеме договор со Warner Bros Games“ кажа Јаневска.

Јаневска вели дека соработката со компанија како Warner Bros Games течела лесно и беспрекорно. Таа открива дека имале точно наведени барања во смисла како сакале да звучи вокалот, со антички призвук, но на моменти да прозвучат и словенски вокали, со извици на краевите. Таа претпоставува дека барале вокал кој ќе може тоа да го донесе и затоа ја исконтактирале.