
Дигитализацијата, односно дигиталната трансформација, е процес кој најголемиот дел од граѓаните, особено помладите, го поздравија како чекор кој го отпочна државата, главно поради олеснување на пристапот до услугите, како и заштедата на време, ресурси и нерви од бркањето документи по административните шалтери. Со доаѓањето на новата влада, овој процес беше издигнат на ранг на министерство – со издвојување на „информатичкото општество“ од јавната администрација и негова преобразба во Министерство за дигитална трансформација.
Првиот човек на ова министерство, Стефан Андоновски, во разговор за „Скопје инфо“ објаснува дека поради неуспесите од минатите години, граѓаните биле скептични за ефективноста на новата институција.
„Во првата фаза требаше да изградиме институционален капацитет – тим, систем, стратегија и доверба на институциите во Министерството. Истовремено, да ги стабилизираме системите за тие да можат да испорачуваат услуги“, вели министерот Андоновски за првите денови откако ја презел функцијата.
За досегашниот успех или неуспех, Андоновски вели дека сака да зборува со бројки и дела. Тој истакна дека денес имаат над 260 илјади корисници на Националниот портал за услуги (споредено со само 100 илјади во 2024 година) и раст од повеќе од 150% на искористеноста на е-услугите и трансакциите на платформата за интероперабилност. Исто така, посочи дека донеле јасна национална ИКТ стратегија со план до 2030 година, реализирале десетици проекти, отвориле центри за услуги во 15 градови и предложиле и донеле закони. Додаде и дека први ги реализирале сите обврски од Реформската агенда, со што обезбедиле повеќе од 20 милиони евра од ЕУ. Скопје беше домаќин и на најголемиот досега Дигитален самит на Западен Балкан, пред повеќе од 1.000 гости и учесници, при што, според Андоновски, Македонија повторно е ставена на мапата на дигитално развиени држави.

„Дали очекувањата се целосно исполнети? Јавноста секогаш очекува побрзо, повеќе и подинамично – и тоа е оправдано. Но, реално гледано, темелите се поставени. Сега сме во фаза на забрзување, кое многу зависи и од респонзивноста на другите институции, буџетите и приоритетите на секоја од нив. Често велам дека најмногу време инвестираме во убедување на колегите какви придобивки носи дигитализацијата во нивниот ресор. Кога една институција ќе започне со дигитализација и ќе го види ефектот, потоа е ‘лесно’. Оттука, мојата лична оценка е дека направивме стабилна основа врз која може да се гради модерна, ефикасна и транспарентна администрација. И реално е да сум задоволен од мојот тим кој се посвети на оваа цел изминатите две години“, оценува Андоновски.
Од друга страна, во јавноста често се создава впечаток дека дигитализацијата оди споро. Андоновски посочи дека е свесен за очекувањата процесот да биде уште побрз и објаснува дека со зголемувањето на бројот на услуги и нивната достапност, растат и барањата. „И тоа е добро“, вели тој, додавајќи дека тоа го толкува како доказ за голем интерес.
Запрашан кои нови услуги граѓаните и бизнисите можат да ги очекуваат во дигитална форма, Андоновски најави дека во текот на оваа година можат да се очекуваат најмалку 20–30 целосно дигитализирани услуги, со приоритет на пријавување новороденче и издавање прв извод од книга на родени за помалку од 48 часа од пријавувањето, услуги во доменот на енергетиката и Фондот за здравство, како и услуги за компаниите.
„Очекувам во текот на пролетта да започнеме со уште еден проект преку европската ИПА-програма, со кој ќе дигитализираме уште една поголема група услуги кои граѓаните ги сметаат за најкористени. Паралелно работиме и на подобрување на електронската достава (е-сандаче), а многу скоро граѓаните ќе почнат да ги користат терминалите за услуги кои ќе бидат поставени на фреквентни локации, најмногу во Скопје“, најавува министерот.

Како приоритет за оваа година го посочи отпочнувањето на проектот за поставување на Центарот за вештачка интелигенција „Везилка“ и изградба на голем јазичен модел на македонски јазик, што, според него, ќе донесе системски напредок во примената на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
„Тоа мора да биде придружено со поголема активност во привлекување странски инвестиции во висока технологија, вештачка интелигенција и центри за податоци“, додава Андоновски.
Во однос на иницијативата „Роаминг како дома“ и усогласувањето со регулативите на ЕУ, министерот рече дека процесот е во напредна фаза. Нагласи дека Македонија ги исполнува најголемиот дел од техничките и законските предуслови и е меѓу најподготвените земји од регионот. Сепак, посочи дека имплементацијата е билатерален договорен процес меѓу ЕУ и секоја од земјите на Западен Балкан, како и меѓу операторите.
„Најоптимистичките проекции, доколку процесот се движи според европската динамика, се насочени кон добивање на овој статус кон крајот на 2026 или 2027 година. Нашата цел е јасна: граѓаните кога патуваат во ЕУ да не плаќаат дополнителни трошоци за разговори и интернет“, истакна министерот.
Во врска со изјавите дека евентуална забрана за користење социјални мрежи за најмладите би претставувала радикален чекор, Андоновски вели дека неговиот став останува валиден. Според него, државата мора да биде внимателна кога станува збор за рестриктивни мерки кои навлегуваат во сферата на домот, личните права и слободите.
„Тоа не значи дека проблемот не го сфаќаме сериозно. Напротив. Ризиците од злоупотреба, сајбер-насилство, зависност и изложеност на несоодветни содржини се реални. Но одговорот треба да биде системски – преку засилена родителска контрола и едукација, јасни алатки за ограничување на пристапот според возраст, соработка со платформите и подигнување на дигиталната писменост во училиштата“, објаснува министерот.
Тој додаде дека Министерството веќе изработило и дистрибуирало водичи за родителска контрола до училиштата, со конкретни насоки како родителите технички да го ограничат пристапот и времето на користење. Убеден е дека одговорноста мора да биде заедничка – на семејството, училиштето, институциите и самите платформи.

Инаку, Стефан Андоновски од неодамна беше избран за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. За „Скопје инфо“ тој рече дека именувањето го гледа како доверба, но и како одговорност.
„Не знам колку ѝ е познато на јавноста, но ова е мое второ членство во Извршниот комитет, по мандатот 2020–2022, а претходно бев дел и од раководството на Унијата на млади сили по моето враќање од студиите во САД. Во изминатите четири години ја извршував и функцијата меѓународен секретар“, сподели Андоновски.
Според него, ова е поинакво време. Ако периодот 2020–2022 беше време на консолидација и борба за внатрешно единство, овој мандат, вели тој, ќе биде посветен на подготовка за новата декада.
„Освежувањето на кадровската структура испраќа порака дека партијата инвестира во нова генерација луѓе со професионално искуство и конкретни резултати. Верувам дека политиката мора да се темели на компетентност и дела. Моја примарна обврска останува Македонија и македонските граѓани – и како министер, но и како дел од раководството на ВМРО-ДПМНЕ, целта ми се посреќни граѓани кои ја градат иднината дома“, заклучи министерот Андоновски.