Анализа: Што набавуваше градот Скопје за време на пандемијата од корона?

Тендери за изградба и реконструкција на улици, услуги за осигурување, здравствени прегледи, но и услуги за кетеринг, анкети и прес клипининг услуги. Ова се јавните набавки кои градот Скопје ги реализирал за време на пандемијата од Ковид 19 во државата. Податоците за нив се објавени на веб страната на Бирото за јавни набавки.

Па така во услови на вонредна состојба градот склучил договор во износ од 150 илјади денари за кетеринг услуги со познат скопски ресторан, услугата за мониторирање на вестите поврзани со градот ќе ја чини градската администрација повеќе од 1 милион денари исто толку средства ќе потроши и за истражување на јавното мислење на граѓаните.  

Веднаш по прогласување на пандемијата од коронавирусот на светско ниво и воведувањето на вонредната состојба во државата, владата донесе одлука да се редуцира трошењето на државните пари и да избегнува склучување на договори за услуги кои не се неопходни.

Невладиниот сектор во неколку наврати алармираше за можноста за време на пандемијата да се злоупотреби процесот со јавните набавки и парите на граѓаните да се искористат за непродуктивни цели.