Ампева: Разбирам дека е предизборие, дека треба да се добијат гласовите на јавната администрација, ама не е фер

Здружението „Гласен Текстилец“ реагира на новиот предлог Закон за административни службеници со кој се менува полното работно време на административните службеници, однсно досегашните 40 часа неделно, се менуваат на 36 часа неделно, односно осум часа дневно од понеделник до четврток и четири часа дневно во петок.

Невладината „Гласен Текстилец“ забележува дека ваквиот предлог Закон е дискриминатроски и се коси со уставно загарантираните права и слободи на граѓаните бидејќи граѓаните се еднакви пред Уставот и законите. Согласно Уставот секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Претседателката на здружението Кристина Ампева не се согласува со овој предлог Закон со образложение дека вработените во приватниот сектор не се ставени во иста положба со вработените од јавната администрација и истите се дискриминирани во делот на работното време и платите.

–Дека станува збор за дискриминаторски предлог Закон зборува и фактот што во членот 6 од Закон за работни односи работодавачот не смее барателот на вработување или работникот, да го става во нееднаква положба заради расно или етничко потекло, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба, односно инвалидност, религиозното, политичко или друго убедување, членување во синдикатите, националното или социјалното потекло, статус на семејството, имотната состојба, половата насоченост или заради други лични околности, вели Ампева. 

Не знам до кога државата планира дека ќе може да исплаќа плати, К15 за јавна администрација и пензии, ако цело време оние кои ја движат македонската екномија, работниците од приватниот сектор се секогаш оние кои се помалку платени, злоупотребени и ставени во подредена положба. Разбирам дека е предизборие, дека треба да се добијат гласовите на јавната администрација, ама не е фер, не е одржливо и нема никаква суштина во таквите закони освен евидентна дискриминација кон огромна група граѓани кои се и мнозинство- овие од приватниот сектор, вели Ампева. 

Гласен Текстилец го повикува предлагачот на предлог Законот за административни службеници истиот да биде повлечен, бидејќи со овој предлог Закон работниците се дискриминирани и ставени во нерамноправна положба.