Алопеција е автоимуно опаѓање на влакната од телото: Поради оваа болест Џејда Пинкет Смит нема коса

Деновиве во фокусот на јавноста се Оскарите, но не победниците, туку инцидентот во кој Вил Смит го удри водителот Крис Рок. 

Рок се пошегува на сметка на сопругата на Смит, актерката Џејда Пинкет Смит, за нејзиниот проблем со паѓање на косата. Без разлика дали беше сето тоа однапред договорено и се одвиваше по сценарио, или пак Вил Смит вистински го удри Крис Рок.

Она што е сигурно е дека шегата не беше на место, бидејќи веќе е познато дека Пинкет Смит страда од алопеција, односно опаѓање на влакната од телото, како последица на автоимуни реакции во организмот. Оваа болест не се лечи, туку може самата да се стави во мирување. Иако многупати се шпекулираше дека косата на актерката опаднала поради хемотерапија, вистината е дека страда од алопеција.

Но, што всушност е тоа?

Алопеција е автоимуна болест, при која имунолошкиот систем, кој е задолжен да го штити организмот од надворешни елементи како што се вирусите и бактериите, по грешка ги напаѓа фоликулите на косата, ситните структури во облик на чашка, од кои расте косата. Ова може да доведе до опаѓање на косата на главата, но и сите други делови од телото каде има влакна.

Кај алопеција ареата, во најголем број од случаите, косата опаѓа во мали, кружни прамени оставајќи гола површина во облик на круг. Во многу случаи, болеста не се проширува повеќе од неколку мали површини, но кај некои лица, опаѓањето на косата зема многу поголем обем. Иако не се случува често, болеста може и да напредува што резултира во целосно опаѓање на косата на главата (познато како алопеција тоталис) или комплетно опаѓање на влакната на главата, лицето и телото (алопеција универзалис).

Алопеција ареата не е болест која е опасна по живот. Не предизвикува физичка болка, и лицата кои ја имаат се во добра физичка здравствена состојба. 

Последиците од алопеција ареата се во основа вознемирувачки од општествен и емотивен аспект. Меѓутоа, во случај на алопеција универзалис, губењето на трепките и веѓите, како и влакната во носот и ушите може да го изложи лицето на чувствителност од прашина и други надворешни честички кои влегуваат во очите, носот и ушите.