Активен пожар утрово во Скопје - изминатото деноноќие регистрирани вкупно 31

Вкупно 31 пожар на отворен простор се регистрирани изутринава до 07:30 часот, од кои еден е активен, три се под контрола, а 27 пожари се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.

Активен е пожарот во Општина Ѓорче Петров, во селото Грачани, при што пожарот моментално е активен на територијата на Косово (шума).

Пожари под контрола има во Општина Сарај: с. Копаница (нискостеблеста шума и ниска вегетација); Општина Чучер-Сандево: село Брест, м.в. Рамно на Скопска Црна Гора (мешана шума); Општина Струга: помеѓу селата Буринец и Локов (нискостеблеста шума).