Ако ви се посреќи и ако се погоди вистинското време...

Аглаја Детешидзе е психотерапевт чии зборови се упатени кон сите оние кои барем еднаш во животот биле изиграни, изневерени, оставени, разочарани...

Ако ви се посреќи, ќе останете сами. Сосема сами. И кога никој нема да биде во близина, ќе морате да се потпирате на земјата и на себеси.

Ако ви се посреќи и ако се погоди вистинското време, животот ќе удри по вас, за да ве скрши како лушпа од орев и да ја извади јатката.

Ако ви се посреќи и ако се погоди вистинското време, ќе ви биде болно. Толку болно што болката речиси ќе ве уништи, а потоа ќе ви помогне да се препородите.

Ако ви се посреќи, вие ќе плачете. И тие солзи нема да можете да ги задржите. И преку нив ќе дојде ослободувањето, а потоа и вистинскиот живот.

Ако ви се посреќи, ќе бидете ранливи. И нема да можете да го скриете тоа. И тогаш ќе сфатите кој е покрај вас, а кој не е.

Ако ви се посреќи, нема да ги знаете одговорите на сите прашања. И тогаш самите ќе морате да ги пронајдете.

Ако ви се посреќи, ќе се разочарате од луѓе, идеи, учители и добри магионичари. И откако ќе го преживеете тоа, ќе можете да го согледате реалниот свет.

Ако ви се посреќи и ако се погоди вистинското време, нема да имате кого да прашате за совет. Баш никого. И ќе морате да го пронајдете внатрешниот компас.

Ако ви се посреќи и ако се погоди вистинското време, ќе ви биде неиздржливо, толку многу што ќе морате да направите нешто во врска со тоа или ќе морате да се опуштите и да му дозволите на светот да направи нешто со вас.

Ако ви се посреќи, ќе се изгубите, ќе бидете изневерени, предадени и речиси скршени. И тоа „речиси“ ќе направи брчки на мудроста на вашето лице. И тоа искуство ќе остане со вас до крајот на животот.

Ако ви се посреќи, ќе останете без пари. И ќе морате да бидете во реални односи со луѓето.

АКо ви се посреќи, ќе стекнете многу пари и ќе ја почувствувате длабочината на очајот кога ќе ви се скрши илузијата дека среќата е во парите.

Ако ви се посреќи, нема да ве сакаат сите. И ќе морате да изградите внатрешен систем на вредности. Така ќе ве напушти желбата да им се допаднете на сите.

Ако ви се посреќи, некој близок ќе се тргне од вас. И вие ќе ја дознаете цената на моменталната среќа.

Ако ви се посреќи, ќе се соочите со саканите, лице во лице. И тогаш ќе има две вистини. Нивната и вашата. И ќе го почувствувате ехото меѓу различни Универзуми кои едвај се допираат.

Ако ви се посреќи, ќе можете сѐ да издржите. И ќе најдете начин како да се трансформирате себеси. Ќе ја доживеете таа внатрешна алхемија која создава убавина од болката, мир од лутината, остварување од стравот, а од радоста создава инспирација. Вината и срамот ги чисти од душата како чистачот што го собира старото ѓубре. А раните ги преобразува во излези.