„Ако несоодветно оставите отпад, ќе ве видат на камера и ќе ви го вратат дома“ - Куновска за актуелното прашање во Скопје

Скопјани пред нов предизвик. Од денеска стапува во сила забраната за изнесување отпад по 22 часот - мерка што Град Скопје ја воведе со цел да се воспостави ред во управувањето со сметот и да се спречат злоупотребите на контејнерите.

Контролата ќе ја вршат комуналните инспектори и редари, кои од утре ќе работат во три смени, односно 24 часа. 

Слични примери има во голем број европски метрополи. Со отпадот надлежните управуваат паметно, а на високо ниво е и еколошката култура на саите жители. 

Во прилог на ова говори и искуството на познатата актерка и политичарка Софија Куновска за тоа како се решава овој проблем со отпадот во Швајцарија. 

- Во Швајцарија пред 40 години првпат видов поставени камери кои набљудуваат кога и какво ѓубре одложува секој станар во или (скраја да е) покрај контејнерите. Ако е оставено несоодветно спакувано или вон предвиденото време ви го враќаат на врата со љубезен поздрав и прашање дали знаете дека тоа ѓубре се фрла тогаш и тогаш, таму и таму, спакувано во такваи таква боја на најлон. И тоа е прва и последна опомена пред да ви стигне казна по пошта, сподели таа. 

На нејзината објава, се надоврзаа низа други искуства. Словенија, Австрија, Швајцарија... се дел од земјите каде строго се почитува обврската за селекција и соодветно одлагање на отпад. 

- Пред 26 години го видов тоа во Виена, седев таму подолго некој период. Секаде имаше камери, не дај боже да го фрлиш ѓубрето во канта каде не припаќа. Казни огромни за неселектирање на отпад. Ама ние сме далеку од тоа за жал. Ние уште увезуваме чудно ѓубре кое е класифицирано како еко енергенс и го горат кај стигнат, гласи еден став. 

- А има ли во Виена и во Швајцарија камери да ги снимаат вработените од тамошната градска чистота кога им паѓа барем десет процнети ѓубре од контејнерите што ги празнат? Или можеби на тамошните вработени не им паѓа ѓубре додека ги празнат контејнерите? На нашиве им паѓа. Нема контејнер во Скопје покрај кој нема да видите флека од барем 20-тина квадратни метри, настаната од разни лушпи од зеленчук, овошје или некој друг органски отпад. Никој не спомнува казни за тие вработени и за таа институција. Или и за тоа се виновни „неодговорните граѓани“? - праша друг. 

Дали „камери и казни“ или „повеќе контејнери“ му се потребни на Скопје, дискутираат жителите! 

Останува да видиме како новата мерка која стартува од денеска ќе функционира!