Светот во кој живееме е полн со претпоставки, тишини и скриени мисли.

Photo by Scott Broome on Unsplash
Понекогаш наједноставниот чекор е и најтешкиот: да прашаме директно. Наместо да градиме сценарија во нашата глава, наместо да анализираме секоја порака и секој поглед, можеби решението е во една искрена реченица: „Како се чувствуваш за мене?“
Често се плашиме од одговорот. Стравот од одбивање или од вистина што нема да ни се допадне нè прави неми. Но токму тишината создава поголема болка отколку самиот одговор. Колку пати сме се измориле од сопствените претпоставки, наместо едноставно да ја побараме вистината?
Photo by Ashford Marx on Unsplash
Да прашаш значи да имаш храброст. Тоа не е слабост, туку зрелост. Да признаеш дека не знаеш, но сакаш да знаеш. Да покажеш дека твоето време, твоите чувства и твојот мир ти се важни повеќе од тоа да играш игри на претпоставки.
Секако, прашањето може да не донесе одговор што го посакуваме. Но и тоа е подарoк. Затоа што секој одговор е јасност, а јасноста е форма на слобода. Со јасност престануваме да трчаме во кругови и почнуваме да одиме напред, било тоа да е заеднички пат со некого или пат самостоен.
Има нешто исклучително човечко во тоа да се погледнеме во очи и да прашаме. Да кажеме: „Јас сум тука, ова ми значи, кажи ми дали и тебе ти значи.“ Во такви моменти, можеби не добиваме совршен одговор, но добиваме вистина што ќе нè носи понатаму.
Затоа, следниот пат кога ќе се најдеш во сомнеж, не оставај просторот да го исполнат стравови и претпоставки. Прашај бидејќи твоето срце, а и твојот ум го заслужуваат тоа.