Акциска сообраќајна контрола во Гостивар: Изречени се 59 санкции, одземени пет возила

Во акциска контрола спроведена од Мобилната единица за безбедност на сообраќајот на патиштата, на подрачјето на Гостивар, изречени се вкупно 59 санкции за различни сообраќајни прекршоци.

Контролата била реализирана на 4 март 2026 година, во периодот од 07:00 до 13:00 часот, на подрачјето на СВР Тетово – ОВР Гостивар, со цел санкционирање на возачи кои не ги почитуваат сообраќајните правила и прописи.

При контролата биле констатирани шест прекршоци за измината важност на сообраќајната дозвола, шест за превоз на повеќе патници од дозволеното во автобуси, минибуси и такси возила, како и една мерка за неизвршен вонреден технички преглед на автобус. Дополнително, изречени се девет мерки за возачи кои вршат јавен превоз без лекарско уверение, десет мерки за товарни возила поради претовар, вонреден превоз и некористење церада, како и шест санкции за непоседување задолжителна опрема во возилото. Евидентирани се и шест други прекршоци.

Поднесени се 15 барања за поведување прекршочна постапка против правни и одговорни лица. Едно лице било лишено од слобода поради сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, односно управување без возачка дозвола, согласно член 297-а од Кривичниот законик. Во рамки на контролата одземени се и пет возила поради изминат рок на важност на сообраќајната дозвола подолг од шест месеци.

Надлежните информираат дека сообраќајните контроли ќе продолжат и во наредниот период, апелирајќи до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат правилата со цел поголема безбедност на патиштата.