
Инспекциските служби на Општина Центар започнаа со интензивна акција за расчистување на два напуштени објекти на улиците „Тетовска“ бр. 20 во Ново Маало и „Владимир Полежиновски“ бр. 7 кај ТЦ Буњаковец, информираше денеска градоначалникот Горан Герасимовски.
Интервенцијата е извршена по барање на жителите од околните згради поради страв од пожари, кражби и загрозување на јавното здравје.
На локацијата кај гимназијата „Раде Јовчевски – Корчагин“, со асистенција на МВР, се иселени затекнатите лица и започнато е расчистување на сметот во и околу куќата.
На втората локација во Буњаковец, поради присуство на малолетни лица, во акцијата е вклучена и социјалната служба, по што се пристапува кон целосно чистење на мини депонијата.
Герасимовски посочи дека иако општината постојано интервенира на овие точки, нерешените имотно-правни односи често се користат за повторно вселување.
„Упатуваме апел до сопствениците на објектите за поголема одговорност, а граѓаните да продолжат со навременото пријавување за ефикасна реакција на службите“, порача градоначалникот.