Ах тато, да беше тука...

Сосема неправедно си ја препишав целата тага на мене, иако ти си најголемата тага, ти си раната која секогаш ја чепкам. Никогаш не го преболив фактот дека те нема повеќе. Можеби затоа што морав многу работи да правам сама. Не можам да тврдам, но убедена сум дека немаше да морам да ги правам ако беше ти тука. Некој ќе дојдеше по мене ако надвор врнеше дожд. Некој би ме однел во град или на матура. Некој можеби би ме научил како да возам. Некој би ми рекол: Немој, тоа не е добро. Некој би ми бил авторитет. Некој можеби би ми покажал како да ја решам писмената по математика. Некој можеби би се гордеел со моите текстови и дипломи. 

Некој би дошол да го погледне станот пред да го купам. Некој би ми помогнал да се преселам. Некој би ми направил полица за книги. Некој би ми кажал анегдота од студентските денови. Би можела со некого да играм шах. Со некого би зборувала за книгите кои ги читам. Некому би му купила подарок со парите од првата плата. Некој би ми рекол да не се преработувам. Некој би ми рекол: Не се грижи јас сум тука. Некој би стоел до мене. 

Некому би му била најважна на светот. Јас се сееќавам дека еднаш бев. Кога го пропушташе најважниот натпревар за да ме заспиеш, кога те викав да ми ја измиеш косата затоа што тоа го правеше понежно од мама. Кога уморен доаѓаше од работа и го јадеше она што јас, мало дете, ќе ти го оставев на маса. Јас не се сеќавам дека некогаш викаше, ниту дека ми се дереше. Се сеќавам на тебе како некој засекогаш мој. Како столб. Како бестрашен штит пред кој би паднале сите мои стравови. 

Да беше тука, можеби би ти купила џемпер, наместо розите кои ги ставам во пластична вазна. Да беше тука ќе бев похрабра. Да беше тука, не би дозволил да се карам со брат ми. Можеби и ќе ме искараше што се расправам со него. Да беше тука, очите на баба не би изгледале како бунар полн со тага. Да беше тука, јас не би направила толку грешки. Да беше тука, не би имала толку стравови. Да беше тука немаше да можам секоја тага ја ти ја препишам на тебе, како некоја кукавица. Да беше тука, сигурно ќе бев поинаква.

Да беше, ама не си...