Администрацијата на ЈП „Комунална хигиена“ со акција за почисто Скопје

По повод Глобалниот ден на чистотата, администрацијата на ЈП „Комунална хигиена“- Скопје ќе организира акција за чистење на централното градско подрачје, во којашто ги повикува да учествуваат сите граѓани и институции на нашиот град.

Акцијата ќе се одвива под мотото „ОДГОВОРНОСТА Е НАША, ЗАЕДНО ЗА ПОЧИСТО СКОПЈЕ “, на 14 септември 2018 година, а почетокот е закажан во 10 часот на Градскиот плоштад.

– На овој начин сакаме да покажеме дека чистотата и хигиената на градот Скопје не зависат само од екипите на ЈП „Комунална хигиена“ коишто еднаш во текот на денот ги празнат садовите за отпад и ги метат и мијат јавните површини. Сите граѓани на главниот град со своето совесно однесување и со својот третман на сопствениот отпад придонесуваат за заштитата на нашата животна околина. Преку оваа акција сакаме уште еднаш да апелираме до нив својот комунален отпад да го одлагаат само во кантите и контејнерите, а кабастиот во центрите за селекција на отпадот, да вршат примарна селекција на отпадот и да не создаваат диви депонии – и на тој начин да ни помогнат во одржувањето на хигиената на Скопје и заштитата на животната средина –  вели директорот на ЈП „Комунална хигиена“, Абдусамед Шабани.