Адеми: Консултациите продолжуваат, важно ни е и здравјето на децата, но и квалитетот на образованието

На денешниот состанок со Комисијата за заразни болести не е донесена конечна одлука како ќе се одвива наставата од 1 септември. Во Министерството за образование и наука преовладува ставот за моделот физичко присуство на учениците, но според епидемиолошката состојба.

Министерот Арбер Адеми на прес-конференција рече дека консултациите продолжуваат, за трите модели имаат аргументи за предностите и за слабостите, дека пред сè е важно здравјето на децата, но треба да се води сметка и за квалитетот на образованието. Тој ги соопшти трите модели што ги содржи планот на МОН – настава со физичко присуство со мерки за заштита и растојание од 1,5 метар, далечинско учење или онлајн-настава и комбинирана – пред сè за училиштата со голем број ученици. Тие би се поделиле на помали групи – една која би следела настава со физичко присуството една недела, а во исто време  другата група ќе следи онлајн.

– Треба да се остави флексибилност на МОН и на Владата да  го приспособи образовниот процес кон епидемиолошката состојба и флексибилно да се обезбеди премин од еден во друг модел. Во МОН преовладува мислење дека треба да се организира настава со физичко присуство, но секогаш имајќи ја предвид епидемиолошката состојба и условите во училиштата. Тоа значи дека секаде каде што ни дозволува епидемиолошката состојба да се организира наставата со физичко присуство и секаде каде што има услови да се организира наставата со физичко присуство, имајќи ги предвид протоколите што ги предвидовме и подготвивме, тогаш би требало да се организира наставата на таков начин. Нашиот став е јасен. Нема замена за наставата организирана со физичко присуство, но, сепак, треба да водиме сметка за здравјето на нашите ученици и за епидемиолошката состојба, истакна Адеми.

Тој напомна и дека за кој било модел ќе треба да се направат измени на законите за основно и за средно образование, како што е бројот на ученици во паралелка или предлогот да се скратат наставните часови од 40 на 30 минути во основно, односно од 45 на 35 минути во средно, и за тоа е потребно функционално Собрание, посочувајќи на можноста и за пролонгирање на почетокот на учебната година. На новинарско прашање одговори дека нема разлики во Владата по ова прашање, туку се работи за финеси, зашто сите нејзини членови, рече, му приоѓаат одговорно на прашањето.

Треба да се имаат предвид сите можни ризици, додаде Адеми, епидемилошката состојба се менува и не се зане колку ова ќе трае. И да имало, рече тој, одлука во мај, таа сега можеби не би била применлива. Притоа посочи и на примери во други земји кои одлучиле да ги отворат школите, па ги затвориле.

– Најлесно е во вакви случаи да се определиме за онлајн-настава. Само кога навистина нема друга опција да се организира наставата со физичко присуство, би се определиле за ваквиот модел.   За опцијата физичко присуство нема замена, но не и по секоја цена. Ако е ваква епидемилошката состојбата, треба да се залагаме за отворање на училиштата, но не инсистирам тврдоглаво. Одговорен пристап мора да има од сите. Ова е најтешка одлука на оваа влада. Во постојана комуникација сум со министерот за здравство, со здравствените авторитети, особено со Комисијата за заразни болести. Имаме аргументи за секој модел. Нашиот ангажман е во насока да се обезбеди најбезбедниот модел и затоа барам разбирање од јавноста, истакна Адеми, додавајќи дека консултациите ќе ги продолжат и во наредните денови за да се избере издржано решение  со кое ќе се земе предвид здравјето на децата, но и квалитетот на образовниот процес.