
Ацо Ристов, дипломиран електроинженер со долгогодишно раководно искуство во секторите енергетика, хидроенергија, водоснабдување, третман на води, рударство и инфраструктурни системи е предлог за нов претседател на Регулаторната комисија за енергетика, по оставката на досегашниот претседател Марко Бислимоски.
Тој денеска со седум гласа „за“, два „против“ и ниту еден глас воздржан, беше изгласан од членовите на собраниската Комисија за прашања на изборите и именувањата.
Предлогот Ристов да биде нов претседател на РКЕ, треба да биде изгласан на пленарна седница.
Инаку, Ристов кој по потекло е од Радовиш, во периодот од ноември 2021 година до октомври 2025 година, ја има извршувано и функцијата градоначалник на Радовиш.
Покрај Ристов, на огласот за претседател на РКЕ беше пријавен и Шамил Реџепи од Тетово, магистер по економски науки, вработен во РКЕ од 2004 година. Тој не влезе во потесниот круг поради неисполнување на критериумите од огласот.
„Кандидатот не ги исполнува условите од огласот. Дипломиран економист не е наведено во огласот, државјанството е старо од 1995 година, што може да се каже дека е неважечко“, рече претседателот на комисијата, Ѓорѓија Сајковски.