Абази: Арсовска направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните

Бујаре Абази излезе во јавноста со соопштение за поднесената оставка на местото заменик градоначалник на град Скопје. 

-Алијанса за Албанците од своето формирање континуирано демонстрира принципиелна и транспарентна политика. Во многу наврати докажавме дека не дозволуваме да ни се нарушува достоинството, не правиме и не прифаќаме пазарења на штета на граѓаните и не прифаќаме да бидеме таму кадешто се прекршуваат договорите.

На последните локални избори во Град Скопје ветивме дека ќе ги тргнеме од власт тие коишто наштетија, ограбуваа и им го влошија животот на скопјани. Но, актуелната Градоначалничка на Град Скопје, Данела Арсовска, направи две скандалозни прекршувања на договорот и заложбата што ја дадовме пред граѓаните. Целата јавност вчера беше сведок како Арсовска им даваше власт на структури кои со години им нанесуваат тешка штета на Албанците воопшто и на скопјани особено - истакна Абази.

Додаде дека од тие причини поднесува оставка.

-Поради овие причини и тие наведени на почетокот, сакам да ја информирам јавноста дека денеска поднесувам оставка од функцијата Заменик градоначалник на Град Скопје и дека актуелното раководство нема да ја има нашата поддршка - заклучи Абази.