90% од младите во Македонија сакаат да се иселат

Деведесет проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат. Во 2021 година младинската невработеност била 28,3 проценти, но бил висок и процентот на сиромаштијата кај младите луѓе – 27,3 проценти или секој четврт млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Неопходна е реформа на образованието, но младите сакаат и флексибилно работно време, работа од дома и од далечина.

Ова се сознанијата произлезени од вториот јавен настан за подигнување на јавната свест за проблемот со младинска невработеност во организација на Институтот за добро управување и евроатлантски перспективи (ИДУЕП), во рамки на европскиот проект „Што сакаат младите – Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“, а во соработка и со Министерството за труд и социјална политика (МТСП) и Дирекцијата за Технолошки индустриски развојни зони (ТИРЗ).

Билјана Стојческа од Младинскиот сојуз и истражувач на истражувањето за младинска невработеност, истакна дека  90 проценти од младите луѓе кои се во земјава сакаат да се иселат, а еден од факторите кој го поттикнува иселување на младите луѓе е корупцијата.

– Најважно да работиме на квалитет. Еден од факторите кој поттикнува иселување на младите луѓе е корупцијата. Во 2021 година младинската невработеност е 28,3 проценти. Она што загрижува во нашата држава е дека висок е процентот на сиромаштијата кај млади луѓе – 27,3 проценти или секој четврт млад човек во земјава се соочува со сиромаштија. Една третина од корисниците на социјална помош се млади. Немаме Акциски план за тоа како да се гради квалитетен живот на младите луѓе во нашето општество. Ние можеме да обезбедиме супер вештини за идните професии за младите луѓе, меѓутоа што ако младите луѓе немаат квалитетен живот. Сите ние како општество треба да си ставиме младите во фокусот, да работиме со младите заедно за младите, да ги слушаме младите и така ќе ги задржиме младите дома, рече Стојческа.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски истакна дека има многу простор да се направи нешто повеќе и потенцира дека реформата на образованието мора да се спроведе и да се реализира целосно до крај.

– Од почетокот на годината имаме отворени повеќе од 2.500 нови работи места, меѓутоа потенцијал за раст има уште и тој треба да се искористи. На младите луѓе треба да им се даде простор, а не само да добијат добро работно место и да заработуваат пристојна плата. Во изминативе година и половина имавме четири или пет огласи за практиканти кои беа платени и беа ангажирани околу 15 млади луѓе, што не е многу, меѓутоа е доволно во рамки ако се има предвид дека Дирекцијата има ангажирани вклупно шеесетина луѓе, тоа е скоро четвртина од луѓето што биле ангажирани биле млади луѓе – студенти, на кои им понудивме можност по завршување на праксата да останат и да работат, рече Деспотовски.

Тој нагласи дека нема каже ништо ново ако рече дека образовниот систем треба да се реформира.

– Тоа го слушаме секојдневно. Не е моја задача како директор на Дирекција да влијаам, односно да ја креирам реформата на образовниот систем, рече тој.

Деспотовски информира дека минататата година вовеле можност самите компании со поддршка од државата да реализираат програми за развивање на вештини за младите, кои во рамките на овие компании можат да доразвијат вештини кои што не ги стекнале во формалното образование.

– Минатата година воведовме можност самите компании со поддршка од државата со кофинансирање да реализираат програми за развивање на вештини и на тој начин сакаме да го поттикнеме оној сегмент на формално образование, откако ќе завршат средно или високо образование, самите меѓународни компании да можат преку таков тип на програми да го развиват кај нововработените, пред се млади луѓе. Имаат можност во рамките на своите компании да доразвијат вештини кои што не ги стекнале во формалното образование. Реформата на образованието мора да се направи и мора да се реализира целосно до крај, рече Деспотовски.

Претседателот на Универзитетското собрание при УКИМ, Славчо Темелковски истакна дека главната поента е младинската неинформираност околу сите моментални придобивки кои што тие можат да ги добијат со одредени закони.

– Главната иницијатива треба да се префрли кон сите посериозни чинители кои што можат да придонесат и повеќе да се насочат кон тоа да ги таргетираат младите со сите придобивски кои што можат да ги имаат со Законот за практиканство, Законот за работни односи, што тие добиваат со Националната стратегија за млади и слично, рече Темелковски.

Министерка за труд и социјална политика Јована Тренчевска истакна дека Националната стратегија за вработување за 2021 година, имплементацијата на Оперативниот план за активниоте мерки и програми за вработување, „Гаранцијата за млади“, Законот за практиканство, Законот за младински додаток и Законот за младинско учество и младински политики се дел од политиките кои се насочени кон поддршка на вработувањето на младите.

– Ако волонтерството е застарено, тука е практиканството каде младите се учат на вештини кои што им се потребни на работодавачите. Практиканството е една политика, Закон за практиканство кој дава одлични резултати, особено за вклучување на младите на пазарот на труд , меѓутоа и обезбедување на работа не само во период од еден до шест месеци туку и понатамошно останување во компаниите каде што горшеле практиканството со обезбедување на пристојни плати. Особено во ИТ секторот оваа политика на МТСП се користи многу каде што младите од еден до шест месеци ги стекнуваат сите вештини што се потребни за да можат успешно да работат, ги задржуваат компаниите и обезбедуваат добри плати, рече Тренчевска.

Таа додаде дека она што како политика на Владата преку МТСП ја даваат за младите е Оперативниот план за вработување со мерките и програмите, како што се мерките „Самовработување“ и „Основни и напредни ИТ вештини“, кои што се токму наменети за младите и тие најмногу ги користат.

– Тоа се две мерки кои имаат стопроцентна реализација и каде што 40 проценти од корисниците на овие мерки се младите. Младите сакаат да се вработуваат, меѓутоа сакаат и да отпочнат свој сопствен бизнис што е можност преку мерката за самовработување каде државата ги поддржува со пет илјади евра грант за едно лице и десет илјади евра за здружени две млади лица. Обуките за ИТ вештини каде што до 450 млади секоја година се вклучени преку провајдери кои што ја нудат таа обука и по завршување на обуката најголем дел од овие млади наоѓаат работа, остануваат во државата а можат да работа и за ИТ компании надвор од државата, истакна Тренчевска.

Министерката потенцира дека по реализираните разговори со младите дошле до заклучок дека со новиот Закон за работни односи треба да се обезбедат нови форми на работа, а тоа се флексибилна работа – работа од дома и работа од далечина.

Комуникологот и координатор на Програма за транспарентност и дигитализација на ИДУЕП, Бојан Кордалов истакна дека недостигот на работната сила нема да се промени со партиски препукувања и кавги и ако го игнорираме фактот, туку само со дијалог, со заедничка работа и со фокусирање на младите можат да се променат овие работи и да се застане на патот на ваквите негативни бројки.

– Само подмудруваме кој е крив, а кој е прав. Тоа не дава ефект. ефектот е поразителен – се иселуваме, се губиме, немаме заедништво. Потребен ни е разговор, диајалог и веруваме дека ова е еден почеток на процес. Нема успех, нема заедништво, нема ништо да се промени ако не се сузбие корупцијата, нема да се промени ништо ако не се почне политички да се соработува во интерес на младите, напротив само ќе продолжиме да паѓаме и да следиме иселување, рече Кордалов