7 совети со кои полесно ќе ги “преживеете” високите температури

Живата во термометарот опасно се качува над 35 степени Целзиусови на сонце, што за многумина предизвикува проблеми во извршувањето на секојдневните активности. Се потиме, исцрпени сме и раздразнети.

https://ads.tocka.com.mk/www/delivery/lg.php?bannerid=1324&campaignid=1101&zoneid=66&loc=1&referer=https%3A%2F%2Fkarmin.tocka.com.mk%2Fvesti%2F236086%2F7-soveti-so-koi-polesno-ke-gi-preziveete-visokite-temperaturi&cb=a8a05e4b6b

Еве што треба да направите, со цел полесно да ги „преживеете“ големите жештини без оглед на тоа каде се наоѓате. 

Избегнувајте го директното сонце

Без оглед на тоа дали се наоѓате на море или сте во град, избегнувајте го директното сонце, особено во периодот помеѓу 11 и 15 часот, бидејќи тогаш ултравиолетовите зрачења се најјаки. Доколку сепак морате да излезете од дома, потрудете се телото и главата да ги заштитите со соодветна облека и шешир.

Заштитете ги очите

Ултравиолетовите зраци може негативно да делуваат и врз нашите очи, па затоа е важно да се заштити и овој дел од телото. Истражувањата покажале дека негативните последици од силното сонце можете да ги избегнете доколку носите очила за сонце со вградени филтри против УВ зрачењето. Избирајте очила за сонце кои покриваат добар дел околу очите и кои спречуваат продирање на сончевите зраци од страните.

Заштита од сонцето

Сите изложени делови од кожата намачкајте ги со крема за сончање со минимален заштитен фактор 15. Не заборавајте да ги намачкате ушите, задниот дел од вратот и капаците, што е една од најчестите грешки кои ги правиме додека се изложуваме на сонце.

Немојте премногу да се напрегнувате

Вежбањето на високи температури дополнително ја зголемува температурата на телото, со што се зголемува потењето и дехидрацијата на телото. Поради тоа може да дојде до грчење на мускулите, тромост и исцрпеност, а во потешки случаи и до топлотен удар.

Ограничете ја количината на активностите со кои ќе се занимавате во текот на денот, а избегнувајте ја и најобичната прошетка во најтоплите часови.

Не претерувајте со уредите за ладење

Доколку имате потреба да го разладите домот со вентилатор или клима уред, секогаш внимавајте разликата во температурата помеѓу разладената просторија и надворешната температура да не преминува над 7 степени Целзиусови, со цел да не го изложите Вашето тело на температурен шок. 

Пијте доволно течности

Една просечна личност во текот на денот треба да испие 8 чаши обична вода, а кога сте изложени на високи температури, оваа количина треба да се зголеми, со цел да останете соодветно хидрирани. Секогаш при рака имајте шише со некоја напивка, а најдобро ќе Ве разлади млаката обична вода.

Затемнете го домот

Спречете ја топлината да навлезе во Вашиот дом, особено ако добар дел од домот е свртен кон југ. Најдобро е да ги навлечете завесите на прозорците, да ги изгасите сите светилки во домот и да ги исклучите сите домашни апарати кои генерираат топлина.