500 нови паркинг места - Клинички добива две нови катни гаражи

Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски објави дека трајно се решава проблемот со паркирањето кај Клиничкиот центар. 

- Денес, заедно со министерот за здравство, Азир Алиу, како и со стручните тимови од ЈП „Градски паркинг“ и Град Скопје, одржавме координациски состанок со кој официјално го отпочнуваме процесот за изградба на две монтажни катни гаражи во рамки на Клиничкиот центар. Со реализацијата на овој проект кој ќе го изведува градот Скопје, ќе се обезбедат околу 500 нови паркинг места, со што конечно се става крај на долгогодишниот хаос со паркирањето во и околу Клиничкиот центар, објави Ѓорѓиевски. 

Како што рече, ова е конкретно, функционално и трајно решение кое директно ќе го олесни секојдневието и работата на здравствените работници, но и пристапот на пациентите од целата држава кои секојдневно доаѓаат на лекување.

- Изградбата на монтажните гаражи ќе овозможи подобра организација на сообраќајот, слободен и непречен пристап за итната медицинска помош и поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот, со почитување на јавниот простор и современите урбанистички стандарди. Овој важен инфраструктурен зафат е во координација со Премиерот Христијан Мицкоски и за кој имаме поддршка, претставува јасен сигнал за заедничка посветеност кон решавање на реалните проблеми на граѓаните и унапредување на здравствениот систем, порача првиот човек на Град Скопје.