4 енергетско негативни врски во љубовта кои треба да ги избегнете – лошо влијаат на здравјето, на среќата и на благосостојбата

Љубовта е емоција кон која сите тежнееме. Кога имаме љубов во срцето, сакаме и сме сакани, сѐ е поубаво и поедноставно, а ние се чувствуваме среќно и исполнето. Љубовта е почитување, меѓусебна поддршка, среќа, но често она што сме го сметале за љубов се покажува како нешто потполно поинакво.

Кога односите почнуваат да се развиваат по негативно сценарио, многу луѓе заглавуваат во токсични врски кои им ја одземаат силата и енергијата.

Однос спасител-жртва

Овде може да бидете и во едната и во другата улога. Ако сте во улога на спасител, другата половина стално запаѓа во невоља поради нејзините лоши навики или карактерот, а вие стално се обидувате да ја извадите. Така од ново и од ново ја трошите вашата енергија, а ситуацијата не се менува. Од друга страна, ако сте вие во улога на жртва, тогаш одново се соочувате со тешкотии на патот и постојано очекувате другата страна да ги реши, не преземајќи одговорност за својот живот. Во ваква врска односот е зависен, каде едната страна ја користи другата. Во партнерските односи важно е да си помагате и да се поддржувате, но ако постојано сте спасител, или постојано сте во улога на жртва на која и треба помош, тогаш врската лесно станува токсична.

Однос родител-дете

Оваа врска е исто така многу негативна од аспект што партнерите не можат сто проценти да се отворат. Оној кој е „родител“ постојано води сметка за сродната душа и не прима ништо од неа. Оној кој е „дете“ во врската не се развива и стално е во сенка на саканата личност. Човек кој тежи кон личен развој и сака да напредува сама во животот, човек кој не сака да зависи од никого – никогаш нема да прифати таква улога. Ако вие или вашиот партнер сте потполно зависни еден од друг, ова е лоша вест затоа што вашата врска е изградена енергетски погрешно.

Провоцирачки и претерано емоционален однос

Постојат луѓе кои во животот секогаш бараат причина за кавга, импулсивни се, склони кон драми и емоционално нестабилни. Ако двата партнери се такви, тогаш таквата врска брзо ќе заврши. Ако едниот партнер провоцира, а другиот им подлегне на провокациите, тогаш врската може подолго да трае, но лошо влијае на менталното здравје и на енергијата на партнерот кој трпи провокации. Ова е типичен случај на енергетски вампиризам. Едниот партнер има негативна енергија која ја шири преку кавги и конфликти, а другиот таа енергија ја упива.

Конкурентни односи

Во ваков однос партнерите постојано се натпреваруваат, односно двајцата или едниот сакаат да заземат лидерска позиција во врската. Кога партнерите постојано се борат за тронот, тоа може да биде многу исцрпувачки. Љубовта не би требала да биде натпреварување, туку складна врска во која двата партнери се надополнуваат, се бодрат еден со друг и заедно се развиваат. Ако само еден од партнерите постојано сака да биде лидер и да ги води работите, постои ризик неговите постапки да ве саботираат сами да се реализирате и да влијаат лошо на вашата самодоверба.