
Таткото на 35-годишната Марија Маринковска, Зоран Маринковски, чие тело беше ексхумирано откако обдукцијата утврдила насилна смрт, тврди дека неговата ќерка претходно пријавувала дека осомничениот Т.Б. ја следи и дека семејството за тоа ја известило полицијата.
Во изјава пренесена од Радио Бум, Зоран Маринковски раскажува дека во последниот телефонски разговор со братот, Марија му рекла дека некој ѝ тропа на вратата и дека се плаши. Неколку дена подоцна, семејството било известено дека починала, а првичните информации укажувале на природна смрт.
Семејството првично верувало дека станува збор за здравствени компликации, но по појавените сомнежи и текот на истрагата, надлежните наредиле ексхумација 40 дена по погребот. Обдукцијата покажала дека смртта била насилна.
Таткото додава дека кога ја нашле Марија мртва, горната половина од телото ѝ била покриена со јамболијата, а долната половина ѝ била гола. Рече дека на денот на смртта и полицијата и лекарите извршиле проверки на телото.Тој се сомнева дека убиецот ја задушил со јамболијата.
Таткото вели дека Марија живеела во Старо Нагоричане кај вујко и и дека со братучедот работеле земјоделие, а пред неколку години работела како овчарка во семејството на осомничениот.
Марија им кажувала на родителите дека осомничениот ја следи. Таткото пријавил во кумановската полиција, но, како што вели, му кажале дека не може таму, односно, мора Марија да пријави во полицијата во Старо Нагоричане, што и го сторила. Марија им се пожалила на полицајците дека Т.Б. ја следи и ѝ додева. Полицајците, вели таткото, по пријавата отишле кај Т.Б., но тој избегал, не бил дома.
Осомничениот Т.Б. се сомничи за повеќе убиства на жени и беше уапсен по убиството на 78-годишна жена во селото Челопек. Истрагата е во тек.