
Како што извести градоначалникот на скопски Бутел, во наредниот период, општината ќе издвојува простор за посебни рубрики посветени на успешни приказни, приказни кои живеат, опстојуваат и создаваат вредности во нашата заедница повеќе од 15 години. Приказни од образованието, општествениот живот, културата и сите сфери каде трудот на поединци оставил трага што вреди да се истакне.
Една од тие исклучителни приказни е приказната за наставничката Ленче Неделковска.
Во време кога образованието постојано се менува, а предизвиците растат, има личности кои не само што чекорат во чекор со промените , туку ги предводат. Таква е Ленче Неделковска, наставничка во ООУ „Живко Брајковски“, чие триесет и четиригодишно искуство претставува повеќе од професија. Тоа е мисија.
Нејзината приказна започнува во Скопје, каде што ја гради својата љубов кон образованието. Како дипломиран професор за одделенска настава на УКИМ, Ленче ја започнала својата приказна скромно, во комбинирана настава, со тетратка полна амбиции и училница полна љубопитни очи. „Најмладите треба да ги подготвиме за светот, не само за оценките“, вели таа
Подоцна, во ООУ „Живко Брајковски“, нејзиниот професионален раст продолжува со уште поголем интензитет. Била дел е од бројни проекти на МОН, БРО, УСАИД и други институции, секогаш со ист мотив а тоа е да внесе нови идеи, современи методи и практики за најмладите.
Но формалното образование е само дел од нејзината приказна.
Ленче е координатор, организатор, тестатор, ментор-наставничка која истовремено гради и училиште и генерации. Од „Чекор по чекор“ до ПИРЛС, од натпревари во математика, информатика и природни науки, до поддршка на ученици што освојуваат први, втори и трети места, нејзиниот труд се гледа во очите на секое дете.
Како наставничка што живее и работи во мултикултурна средина, таа вложува огромен труд за децата да растат со заедништво, почитување на различностите, соработка и разбирање.
Покрај професионалните успеси, Ленче е и посветена сопруга и мајка на два возрасни сина, успешни млади луѓе.
Ленче Неделковска не е само наставничка. Таа создава генерации, ментор е на млади колеги, двигател на позитивни промени и херој на образованието во општина Бутел.
Во нашата општина, нејзината приказна не е само успешна.
Таа е инспирација што трае повеќе од 15 години,и продолжува да го гради утрешниот ден на нашите деца и нашата заедница, раскажуваат од локалната самоуправа.