
Цените на недвижностите во Скопје повторно се најдоа во фокусот на јавноста, откако на социјалната мрежа LinkedIn беше споделена споредбена анализа за тоа што може да се купи за 300.000 евра – износ по кој моментално се нуди стан од 90 квадратни метри во главниот град.
Авторот на објавата, Бојан Петровски, меѓународен менаџер за продажба и бизнис развој и основач на меѓународната компанија Capital Solutions, посочува дека ваквата цена го поттикнала да направи споредба со пазарите на недвижности во неколку светски дестинации.
Според неговите наводи, за истата сума од околу 300.000 евра во Дубаи може да се купи стан со една или две спални соби, со површина од 50 до 70 квадратни метри, во развиени квартови. Во Мадрид, пак, овој буџет овозможува комотен стан со две спални или солиден стан со една спална соба.
Во Лондон, за оваа цена може да се обезбеди комфорно студио надвор од централното градско подрачје, додека во Њујорк станува збор за студио или помал стан со една спална соба, исто така надвор од Менхетен. Во Бали, според објавата, за истиот износ може да се купи луксузна и пространа вила.
Петровски нагласува дека целта на споредбата не е да се утврди каде недвижностите се поевтини, туку да се отвори прашањето за вредноста по квадратен метар, можниот принос од инвестицијата и долгорочната стратегија. Како клучни фактори ги посочува квалитетот на живот, можностите за личен развој и индивидуалните приоритети на инвеститорите.
„Изборот е личен, но инвестирањето треба да биде паметно“, порачува Петровски во својата објава, која предизвика реакции и дискусии околу реалната вредност на недвижностите на домашниот пазар.