3 негативни последици од претераната употреба на сол

Сигурно некогаш сте се запрашале зошто солта е непожелна во фитнес плановите за исхрана, па дури и во лекарските препораки за добро здравје. Проблемот со солта е всушност натриумот кој го содржи и кој во големи количини предизвикува сериозни нарушувања во телесните процеси. А уште поголем проблем е што речиси сите ние претеруваме со употреба на сол, најчесто несвесно.

Натриумот влијае на процесите на размена на материите во клетките и надвор од нив, како и на функциите на мускулниот и кардиоваскуларниот систем. Тој е тесно поврзан со нивоата на калиум – нивниот сооднос делува на размената на течности во организмот, а со тоа и на крвниот притисок. Овој сооднос треба да се следи внимателно бидејќи високата содржина на натриум доведува до намалување на калиумот и обратно.

Доколку внесувате помалку натриум од тоа што му е потребно на вашето тело можете да го надоместите недостигот на калиум, но ако предизвикате недостиг на натриум ќе почнете да чувствувате симптоми како што се мачнини, мускулни грчеви и недостиг на вода во организмот.

Поголемиот дел од луѓето одат во другата крајност, а тоа е преголем внес на натриум, бидејќи само една лажичка сол содржи 2г натриум, што е четири пати повеќе од препорачаната дневна доза. Кога нивото на натриум е постојано зголемено, телото губи калиум, што води кон сериозни здравствени нарушувања, од кои најчести се следните 3:

1. Зголемена телесна тежина

Натриумот кој го содржи солта помага во одржување на здравјето преку регулирање на нивоата на вода во крвта и органите. Но, претераната употреба на сол создава проблеми во бубрезите бидејќи не можат да ги преработат големите количини на натриум и со тоа ја нарушува способноста на телото да го исфрли вишокот вода. Ова резултира со симптоми на подуеност и може да предизвика „водени наслаги“ преку мускулите кои ќе го нарушат вашиот изглед дури и ако сте постигнале низок процент на телесни масти.

2. Проблеми со крвниот притисок

Заради задржувањето на вода во телото, претераниот внес на сол предизвикува зголемување на крвниот притисок до степен кој сериозно го нарушува вашето здравје и го зголемува ризикот од срцев удар. Најголемиот проблем тука е што може да не почувствувате очигледни симптоми на висок крвен притисок сѐ додека не ве прегледа лекар.

3. Зголемен ризик од остеопороза

Претераната употреба на сол резултира со слабеење на коските, бидејќи високата содржина на натриум доведува до намалување на калиумот. А губењето на органските и минералните делови од коските по што тие стануваат полесно кршливи води кон болест на коскеното ткиво, односно остеопороза. Ова заболување е опасно бидејќи се развива долго време без симптоми, сѐ додека не почнат да настапуваат фрактури на коските.

Како до оптимална употреба на сол?

Одржувањето на оптимални нивоа на натриум преку солта е клучно за добро здравје и фит форма, а тоа можете да го постигнете преку избегнување на кујнската сол, односно употреба на замена во вид на зачини кои ќе го подобрат вкусот на храната. Други големи извори на натриум се преработената храна, безалкохолните пијалоци и грицките (смоки, соленки, чипс и сл.). Солта е присутна во сите видови преработена и конзервирана храна бидејќи освен на вкусот, делува и на трајноста на храната. Избегнувајте ја ваквата храна бидејќи натриумот го внесувате преку другите видови храна – житарките, зеленчукот, млечните производи, месото.