164 пешаци во август добиле санкции од полицијата

Македонската сообраќајна полиција не ги поштедува ниту пешаците како учесници во сообраќајот доколку не ги почитуваат правилата. Во извештајот за месец август, нотирано е дека санкционирани се и 164 пешаци и 81 возач на електричен тротинет.  

Согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата минатиот месец санкционирани биле 1.149 возачи на мотоцикли за неносење заштитен шлем. 

Извештајот што вчера го објави МВР покажува дека во август биле сторени 19.343 сообраќајни прекршоци, а уапсени 82 возачи низ патиштата во земјава. 

- Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи и заеднички да придонесеме за побезбедни патишта, потсетуваат од МВР.