
12 години затвор за Стојанче Јовановски обвинет за загрозување на сигурноста, телесни повреди при семејно насилство и наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана чиј живот трагично заврши на 2. март годинава со пад од балкон заедно со 6-годишната ќерка Катја.
Пресудата ја изрече судијата Ивица Стефановски, во Основниот кривичен суд Скопје.
Јовановски беше обвинет за три кривични дела – телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство.
Обвинителството, во завршен збор, побара максимална казна за обвинетиот оценувајќи дека во постапката е докажан континуитет на физичко, психичко и економско насилство врз Ивана Јовановска, кое, според обвинението, кулминирало со трагедијата на 2 март годинава. Одбраната, пак, побара ослободителна пресуда со став дека Обвинителството не ги докажало ниту последицата ниту каузалитетот за делата што му се ставаат на товар на обвинетиот.
Во однос на обвинетиот, обвинителката наведе дека, според медицинското вештачење, кај него не постои душевно заболување, кое би ја намалило одговорноста, туку доминирале потреба од контрола, манипулативност, недоволна самодоверба и сомничавост.
Одбраната на обвинетиот, пак, во завршниот збор тврдеше дека доказите се контрадикторни, а сведочењата претежно посредни. Адвокатот рече дека не е докажано кој, кога и на кој начин ги нанел повредите, како и дека не е докажан каузалитетот ниту за кривичното дело загрозување на сигурноста ниту за делото наведување на самоубиство и помагање во самоубиство поради што побара обвинетиот да биде ослободен.
Самиот Јовановски ги отфрли обвинененијата против него.
Фото: Курир