Се согласувате ли дека во животот нема попосебна врска од онаа меѓу бабата и нејзините внуци? Топлина, поддршка, мудрост, стари семејни рецепти и најтоплата прегратка се само дел од она што ни го пружаат бабите и дедовците.
Замислете само колкава е таа љубов кога детето, кое го сакате најмногу на светот, има дете кое го сака најмногу на светот, па целата таа љубов ќе се собере и ќе се помножи во некоја неопислива бесконечност.
Во чест на сите баби, направивме листа на најважни животни лекции кои сме ги научиле од нив во текот на животот.
Животот е убав
Баш како што вели еден од најубавите филмови на сите времиња - животот е навистина преубав. Додека сме млади, во тоа често се сомневаме, а бабите, полни со животно искуство, знаат дека тоа се само ситници кои воопшто не треба да ни претставуваат проблем.
Љубовта е безусловна
Родителите нѐ сакаат најмногу на светот, но нивна работа е да нѐ критикуваат за правилно да нѐ насочат. Работата на нашите баби е само да нѐ сакаат, а тие во таа работа уживаат најмногу на светот. Растејќи со нив во текот на животот учиме дека љубовта доаѓа природно и дека нашата вредност е огромна.
Да се прости е лесно
Ако имате брат или сестра, бабата сигурно ве научила како да простите. Додека родителите веројатно викале на вас и ве казнувале поради караници и препреки, бабата била неутрализатор и најдобар учител како да простите кога сте најмногу лути.
Семејството е место од кое се почнува
Бабите се тие кои го држат семејството на куп. Дури и ако сме со километри оддалечени едни од други, на бабината маса секогаш се враќаме во минатото и во оние денови кога безгрижно уживавме во животот.
Љубовта доаѓа од стомакот
Скоро сите баби имаат неопислив страв нивните најмили случајно да нѐ останат гладни. Храната има социјална улога – околу неа се собираме, таа нѐ радува, нѐ спојува и нѐ подига, а бабите таа улога ја сфатиле сериозно.
Зборовите болат, а делата лекуваат
Бабината смиреност е една од личните карактеристики кои со драго срце би ги попримиле. Кога сме млади знаеме да бидеме многу експлозивни и така нетатктично да ги повредиме луѓето околу себе. Бабите нѐ учат дека треба да се „испече па да се рече“, а ако ни излета некој лош збор, со дела треба да се искупиме.
Смеењето е најдобар лек
Бабите се најтоплата утеха која можеме да ја добиеме во животот. Тие се рамо за плачење и вреден советник кој брзо ќе ни ги избрише солзите и ќе ни изнуди насмевка на лицето. Бабите секогаш ни велеле дека треба да смееме што е можно повеќе, а подоцна научивме дека смеењето навистина е најдобар лек.
Работливоста е позитивна особина која многу помага во животот
Вредните луѓе се среќни луѓе, велеа нашите баби. Никој освен нас самите не може да ги исполни нашите соништа, а работата, трудот и упорноста секогаш се исплателе. Се сомневаме дека постои некој кој верувал во нас повеќе од бабите и дедовците.
Треба да се почитуваат сите луѓе околу себе
Бабите со годините научиле во што лежи најголемата среќа во животот. Тие не го гледаат изгледот и никогаш не го ценат човекот по облеката. Кој високо лета, ниско паѓа – е уште една од големите лекции кои сме ги научиле од нашите баби.
Живееме додека се живи нашите разговори
Многумина од нас ја немаат повеќе таа среќа да си поразговараат со својата баба. Бабите нѐ учат и за минливоста и за тоа како да се прегрне болката и од неа да се создадат убави спомени. Сѐ додека ги чуваме во нашите срца, бабите и дедовците се живи.