Зурлите и тапаните на улиците во Влае - карпошани го празнуваа Св. Атанасиј Велики (фото)

Во раните утрински часови, денеска, улиците во населбата Влае осамнаа со препознатливиот звук на зурлите и тапаните, во чест на големиот светец Атанасиј Велики. Во духот на традицијата и оваа година, влаевчани го одбележаа овој христијански празник под покровителство на Општина Карпош и за првпат во организација на Здружението за негување на верски и народни обичаи „Св. Атанасиј Велики“ – Влае.


Жителите на Влае масовно се собраа на спортското игралиште на ул. „Франце Прешерн” (поранешно с. Влае) и заедно ја одбележаа свечената литургија, по што следуваше црковното осветување на водата и храната. На манифестацијата присуствуваше и градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски, кој во оваа пригода им го честита верскиот празник и им посака добро здравје среќа и успех на сите граѓани на Република Македонија. Здружението за негување на верски и народни обичаи „Св. Атанасиј Велики“ – Влае и додели плакета на Општина Карпош, за особен придонес и помош во реализација на прославата на Св. Атанасиј Велики во Влае.


Водејќи се според македонските народните обичаи, по свечената литургија се сервираше славска софра со пригодна трпеза и топли пијалоци, а се служеше и познатата „Влаевска чорба“. Овогодинешните кумови на верската манифестација, им го предадоа кумството на првиот човек на Општината и долгогодишен жител на населбата Влае - Стевчо Јакимовски, Јерко Жикоски и Драган Чуриевски.
Покрај влаевчани, Св. Атанасиј Велики го празнуваа и жителите на населбата Злокуќани. На оваа манифестација присуствуваше и претседателот на Советот на Општина Карпош, Сашо Лазаровски. Со посебна црковна церемонија и поставување на традиционална трпеза, бардовчани го чествуваа христијанскиот празник во рамите на црквата „Света Тројца“. На пригоден начин вечерва, овој верски празник ќе го одбележат и жителите на населбата Жданец.


Атанасиј Александриски, познат и како Св. Атанасиј Велики, се родил во Александрија во 296 година. Уште од детството, тој бил наклонет кон духовниот повик. Атанасиј го напишал „Симболот на Верата“ кој бил усвоен на Првиот вселенски собор во Никеја. Во 326 година станува архиепископ на Александрија, по што го посветува својот живот на верно епископско служење. Во 373 година на 76 годишна возраст, Атанасиј починал во Александрија. Црквата го чествува неговиот спомен на 2 мај и на 18 јануари (заедно со св. Кирил Александриски).