Зошто воопшто да очекуваме нешто од некого?

Сите ние насликуваме одредена слика за луѓето кои ги запознаваме. И таа слика е само на нас. Е сега, проблемот е кога на сцена ќе настапат нашите очекувања. Ако сте малку наивни како што бев јас порано, тогаш верувате во таа слика. Можеби ви звучи чудно, но јас секогаш верував дека луѓето се искрени. Мене ми беше многу чудна замислата дека некој може да не е искрен и секогаш се прашував зошто некој не би се однесувал во согласност со неговата личност?

И така сама на себеси си наметнав очекување во однос на другите луѓе и долго време живеев со тие очекувања. Сметав дека таа слика која првпат сум ја видела е непроменлива и воопшто не гледав подалеку од тоа. 

Ах, тие мои глупави очекувања. Како воопшто да очекуваме нешто од некого? Па не можеме да управуваме со другите луѓе. Дури и да застанеш на глава, тоа не оди така. 

Почнав да работам на себе и повнимателно да набљудувам. И така ги спознав своите очекувања и сфатив дека тие немаат никаква врска со реалноста. Спознав и дека е апсолутно банално да очекуваме нешто од другите. 

На тој начин ние сликаме совршена слика во главата, а кога ќе се разочараме, тогаш лесно ја обвинуваме другата личност. Зошто си ваков, зошто си таква? А зошто ние очекуваме дека некој треба да биде нешто? 

Денес живеам обидувајќи се да не очекувам. Да прифаќам и да разбирам.

Морам да признаам дека кога не очекуваш, сѐ оди некако поглатко и полесно.