Зошто ни е тешко да си ги прибереме или да ги задржиме децата дома?

Мотивирана од состојбата во светот, но пред се и во Македонија, каде секој ден се повеќе се зголемува бројот на заразени од корона вирусот, Калина Коси, на својот Фејсбук профил пишува, а воедно и се прашува, каде е проблемот, зошто ни е тешко да си ги прибереме или да ги задржиме децата дома, а и ние да останеме заедно со нив. 

Каде е домашната, семејна хармонија во домовите како некогаш? Заборавивме ли на семејниот ручек, на семејната трпеза? Заборавивме ли на она, каде и да си, за ручек дома да си? 

- Тешко ни е да си ги прибереме или да ги задржиме децата дома? Малку и ние треба да си го ставиме прстот на чело. Децата ни израснаа надвор, по улици. Пред школо, после школо, на курсеви, на играорна, на балети, по другари и другарки, по родендени, по кафичи, ресторани и сендвичари на јадење и пиење. Дома само на спиење. По цели денови наваму-натаму. Секој божји ден. Со наша дозвола и поттик: „На ти пари, само тргни ми се од дома, нека те фати воздух“... што и да ни значи тоа...

Јадеме дома на нога или на трчање, секој во различно време, зависи кој кога се прибрал нели, а често не се ни гледаме, се разминуваме. Нема семејно време или трае прекратко, нема заеднички обврски поврзани со дома или силно чувство за припадност дома. Некаде надвор припаѓаме. Секој на различно место. Го нема она „Кај и да си, за ручек дома да си!“ кое на времето сите го почитувавме или она „Излез само петок и сабота!“ и точка. Сега дури и кога дома заедно ручаме, секој си руча со мобилниот или таблетот наместо со другиот, многу често и секој во својата соба. Домата ни е како хотел, ноќевалиште, привремено престојувалиште. Место каде се прибираме само кога ќе фати голем студ, кога ќе заврне силен дожд или кога ќе настане епидемија од некој вирус. И сега треба да останеме затворени дома, а не сме навикнати, па ни е чудно, па ни е шубе, па не знаеме што со себе и со најблиските. Така е зошто домата не се гради од втор спрат нагоре. Затоа ни е тешко... ни се нишаат домите климави, затоа што немаат темели...