Змии ги плашат жителите на Ѓорче Петров

Две змии ги испаничија жителите на Ѓорче Петров. Додека завчера траел тренингот на децата на стадионот “Македонски лавови” родителите биле сведоци на несекојдневна случка.

Две змии пред нивни нозе се пареле, а случката ја снимиле и на мобилен. Испаничени за своите деца кои тренираат на стадионот, ѓорчепетровци случајот го пријавиле и во општината. Граѓаните се револтирани велат во општината врие од змии, а тревата од јавните површини се коси дури сега.

– Во 6 часот попладне додека децата тренираа фудбал, а ние ги чекавме ги забележавме и двата смока завиткани еден околу друг. Ова се случуваше на стадионот “Македонски лавови”. Змии врие во Ѓорче. Знаеме дека на топлото ги има многу повеќе, но бараме навреме да се косат тревните површини, особено во дворовите на училиштата. Дури сега се коси тревата во училиштето “Димитар Поп Георгиев Беровски”, а и таму се појави змија, вели жител на Ѓорче Петров, кој сакаше да остане анонимен.

Од општината потврдуваат дека за овој случај стигнала пријава и до Секторот за урбанизам на Ѓорче Петров.

– Нашите служби во најбрзо време ќе излезат на терен за да ја искосат јавната површина. Не е точно дека не се коси навремено. Работиме напоредно низ цела општина, особено по наглото затоплување на времето, дури и на површини кои не спаѓаат под наши ингеренции. Темпото на работа е однапред утврдено, и во оваа прилика апелираме и до граѓаните, доколку имаат забелешка, веднаш да пријават во општината, за навремено да реагираме, потенцираат од општината.

Откако драстично се стопли времето појавата на змии низ Скопје стана зачестена. претходно и жители на Центар се пожалија дека змии виделе по улица.

Познавачите на влекачи велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот.

– Од 15 март до 15 октомври на змиите им е процес на хранење и парење. Од април до јуни им е парењето. Ова е нивно нормално однесување, не се поагресивни. Од 16 видови змии кај нас само пет се отровни, а од нив само поскокот е директна закана и може да доведе до смртни последици и веднаш треба да се побара помош. Смоковите, кои најчесто ги има низ градот, се безопасни, велат херпетолозите.

Се препорачува доколку граѓаните видат змија во широк круг да ја заобиколат и да не ја фаќаат. Дворовите да им бидат искосени, шутот да е отстранет. Во природа да се носат соодветни затворени чевли и долги панталони, да се гледа каде се седнува и каде се ставаат рацете. За разлика од смоковите, поскокот има рокче на главата по кој може граѓаните да го распознаваат.

За два месеци на Клиниката за инфективни болести четворица граѓани побарале помош поради каснување од змија. Три од нив биле минатиот месец и едно каснување е пријавено во мај. Сите случаи поминале без компликации и се случиле во рурални средини. Од клиниката појаснуваат дека при каснување од змија сите пациенти се хоспитализираат и се следат. Отровот може да предизвика разни компликации на респираторниот систем, тешко оштетување со тромбози и смрт.