Животот е поучна игра...

Животот е поучна игра преполна со одлуки и предизвици. Не е фер долго да се лутиме само затоа што понекогаш губиме. Не е фер вечно да се сожалуваме и тврдоглаво да одлучиме дека ќе бидеме несреќни. Не, не е фер ниту кон нас, ниту кон нашите соиграчи.

Нормално е да чувствуваме цел спектар од различни чувства, затоа што животни валути не се само среќата, восхитот, љубовта и радоста, туку и тагата, страдањето, болката, лутењето, тешкотиите. Нормално е да ги чувствуваме сите овие работи, но треба да научиме да се ослободуваме од оние кои ни ја кршат душата и ни го кршат срцето, а не да ги негуваме. Не смееме да си го градиме животот врз тие темели.

Во животот често имав чувство дека губам нешто, дека го допирам дното и секогаш другите ми беа виновни за тоа. Вистината е дека немаше виновник во тие ситуации, но сфатив дека јас сум виновна поради своите негативни чувства. Предолго бев лута на целиот свет, на сите животни прилики имав однапред подготвен одговор: „Не!“. Секако, поради тоа не се отвораа нови врати во мојот живот, а фрустрациите во мене вртоглаво растеа. Очекував промени, но не се сетив да се ослободам од негативните чувства.

Тие негативни чувства придонесоа да заглавам во сив живот и сив свет. Откако сфатив дека сѐ тргнува од мене, одлучив едноставно да ги отфрлам сите негативност и да почнам да сакам. Прво се засакав себеси, а кога таа љубов ме исполни мене, почна да се прелева и во надворешниот свет и почна да влијае и на другите околу мене. Сѐ околу мене беше прекрасно и убаво. Старите проблеми сѐ уште се тука, но јас се променив и тие работи повеќе не ги доживувам како проблеми, туку како патоказ кон вистинскиот животен пат.